Турскиот премиер ги обвини „екстремистичките влијанија“ за нередите кои ја потресоа неговата земја изминативе денови.
Според Ердоган, еден од главните виновници е и опозициската Републиканска Народна партија за која вели дека соработува со „екстремистичките елементи“.
Премиерот изјави дека разузнавачките служби исто така, истражуваат вмешаност на странски врски во демонстрациите.
„Луѓето кои зборуваат за „Турска пролет“ во нивното покривање на настаните не ја познаваат Турција“, рече тој.
Муамер Ѓулер, министерот за внатрешни работи, претходно изјави дека имало повеќе од 200 демонстрации во 67 градови. Пријавени се стотици повредени.
Веќе неколку дена и млади и стари кампуваат пред паркот сопирајќи ги булдожерите да ги уништат дрвата стари и по сто години. Беа најавени мирни протести, но полицијата врати со насилство и солзавец.
Турската полиција попладнево употреби солзавец против демонстрантите во главниот град Анкара откако повеќе од илјада демонстранти, претежно млади луѓе се доближија до централниот плоштад Казалај скандирајќи „Таип поднеси оставка“.
Германскиот канцелар Ангела Меркел ја повика турската Влада да манифестира воздржаност по четирите дена протести во државата.