Екипата на МЗТ Скопје го порази Задар со 92:65 во уводниот меч од 18 коло во АБА лигата за внесување на дополнителна неизвесност во борбата за опстанок во регионалното натпреварување. Цела петорка на домашни кошаркари со двоцифрен ефект во СЦ „Јане Сандански“. По 18 постигнаа Ѓорѓе Дреновац и Џош Скот, Марко Симоновски реализира 17, Шарлон Клоф даде 14, а Јуре Лалиќ 12. Најефикасен кај поразените гости од Хрватска беше Владовиќ со 18 поени.
Кошаркарската престава во Скопје вечерва мина во знак на една екипа. Задар имаше водство само на почетокот со 0:2 и 3:4, се што дојде потоа беше од македонскиот првак кој ги реши во своја корист сите четири период (24:19, 23:19, 21:15, 24:12) за прва победа во 2017 година. Момент на одлука изостана бидејќи „металците“ постојано ја зголемуваа предноста што им обезбеди комотен настап и убедлив триумф на крајот.
Признанието за најкорисен играч му припадна на Џош Скот кој покрај 18 коша имаше и седум скока, три асистенции и две блокади.