Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска го посети семејството Несими, при што се сретна со лингвистот, педагогот, истражувачот и една од водечките фигури во научното и интелектуалното размислување на Албанците како во Македонија, така и пошироко, проф. д-р. Ремзи Несими.
По повод Денот на албанската азбука, Министерството за образование и наука, преку серија активности посветени на овој важен ден за албанскиот народ, ќе оддава почит на албанските значајни личности кои оставиле печат врз интелектуалното мислење.
Проф.д-р. Ремзи Несими, беше делегат на Конгресот за Правопис во Тирана одржан во 1972 година каде го прочита рефератот „Процесот на обединување на албанската литература во Македонија“. Професорот Несими е позната личност од албанскиот интелектуален свет, кој дал голем придонес во филолошките науки, посебно во областа на дијалектологијата, со промовирање на уникатниот интелектуализам, во духовното и јазичното богатство во албанската култура во целина.
За време на посетата, министерот Адеми му додели на проф. д-р. Ремзи Несими симболично признание за „Значајниот придонес во областа на образованието, науката и албанската култура“.
Несими е роден во селото Одри, Тетово во 1933 година. Средното училиште го завршил во Тетово, високите и постдипломските студии во Белград, а докторирал на Универзитетот во Приштина. Тој работел како лектор на Катедрата на албански јазик и книжевност на Универзитетот во Белград (1962 – 1964), како професор по албански јазик на Педагошката академија во Скопје (1964-1975), бил професор на Катедрата за албански јазик и книжевност на Универзитетот во Скопје (1975-1999). Автор е на неколку научни книги и над 200 научни статии во научни списанија. Тој живее во Скопје и има 80 години.



