Препораките за намалување на загадувањето на воздухот во повеќе градови остануваат на сила се додека мерните станици покажуваат резултати над дозволените граници, најави денеска во Тетово министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми.
Адеми заедно со градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи имаше средба со претставници на повеќе невладини организации од градот со кои разговараа околу состојбите со квалитетот на воздухот.
– Ги информирав присутните за предлозите и мерките што Владата ги усвои за справување со состојбите околу квалитетот на воздухот. Има повеќе фактори што влијаат врз воздухот како што е индустријата, сообраќајот, грејната сезона, градежните активности и слично. Во однос на работата на најголемиот индустриски капацитет во Тетовско, комбинатот Југохром тој е 10 километри воздушно од Тетово и на наше барање од пред седум дена работи со 30 проценти помал капацитет, изјави Адеми.
Што се однесува до преземање на порадикални мерки, покрај постојните препораки до граѓаните и домаќинствата да употребуваат поквалитени горива за затоплување, како и за намалување на употребата на автомобили, Адеми рече дека е потребно претходно исполнување на одредени предуслови, но и менување на свеста кај граѓаните.
– За преземање на порадикални мерки потребно е да се има предуслови бидејќи не сакаме проблемот со загадувањето на воздухот да се преместува од едно место на друго. Од друга страна за да се забрани сообраќајот низ градовите мора претходно да има паркиралишта надвор од центарот, организиран градски превоз и граѓани што ќе го почитуваат. Значи покрај предусловите мора да се менува и свеста, рече Адеми.
Арифи рече дека институциите заедно со медиумите ќе се обидат да влијаат врз свеста на граѓаните за еколошките прашања, а со тоа и за подобрување на квалитетот на воздухот во општината.




