Верниците од муслиманската вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам. Курбан Бајрам е 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр Бајрам, а го обележува денот кога е комплетиран Светиот куран. Со овој празник се крунисува аџилакот.

За 1,8 милијарди муслимани ширум светот, аџилакот e духовен врв. Секоја година на Мека, епицентарот на муслиманскиот свет, доаѓаат до три милиони верници, во потрага по духовно прочистување – да простат и да им биде простено.

Обвиткани во бела ткаенина, верниците ги извршуваат обредите на петдневниот аџилак, што се смета за еден од петте столбови на исламот -сите муслимани кои се физички и финансиски способни, треба да дојдат на аџилак во Мека барем еднаш во својот живот.

Мека се смета за темел на муслиманското единство, а аџилакот како место каде што верниците се сплотуваат без разлика на класната, расната и националната припадност. За време на аџилакот во 1964 година, помалку од една година пред неговиот атентат, активистот за човекови права Малколм Екс се восхитувал на “духот на единство” меѓу белците и останатите муслимани – што подоцна, по враќањето во САД, влијаело врз него да ги отфрли некои од неговите убедувања за расна поделба.

Но, оваа духовна сплотеност не остана имуна на политиката. Како резултат на порадикалната надворешна политика на младиот саудиски принц, Мека ги почувствува последиците на политичките грешки. Дипломатскиот спор меѓу Саудиска Арабија и Канада во врска со изјавата за човекови права резултираше со затворање на еден од главните летови меѓу Канада и Саудиска Арабија, со што патувањето на муслиманските аџии стана покомплицирано.

Ембаргото за Катар во 2016 година, што го предводи Саудиска Арабија и прекинот на дипломатските врски со Иран во 2016 година, исто така, го попречија движењето за државјаните на овие земји во последниве години. Во Јемен, тековната војна меѓу бунтовниците Хути и силите поддржани од Саудиска Арабија се реална пречка за милиони верници да дојдат на аџилак.

Сепак, според официјалните саудиски информации, Мека и годинава е место каде се собраа над 1,5 милиони верници од целиот свет. Тоа се верници муслимани, кои го следат аџилакот, издржливи на непријатностите од тешкото патување, оставајќи ги зад себе низата непријатни приказни за низата опасности поврзани со аџилакот, вклучувајќи ги и оние за стампеда, пожари и сексуално вознемирување.

Тие, наместо тоа, одбираат да се фокусираат на духовна храна што треба да им ја понуди аџилакот.

Влегувањето во Мека

Многу аџии доаѓаат во Мека неколку недели пред почетокот на обредите.

Тие носат посебни бели облеки – мажите се обвиткуваат во платно, а жените носат едноставен бел фустан и шамија. Се вели дека облеката ја симболизира човечката еднаквост и единството пред Бога.

Аџиите го започнуваат ритуалот со циркуларна процесија во правец на стрелките на часовникот, околу Кааба, структура во форма на коцка за која муслиманите веруваат дека е изградена од пророкот Аврам од Стариот завет. Тоа е најсветото место на исламот.

Пророкот Мухамед го направил првиот исламски аџилак во 628 година, кога тој се упатил кон Мека со 1.400 негови следбеници. Мека се смета за град на сите муслимани и само муслимани. На немуслиманите им е забранет влез цело време.

Поради централното значење што овие свети места го имаат во муслиманскиот свет, титулата на саудискиот монарх е “чувар на двете свети џамии”, а се однесува на Големата џамија во Мека и Џамијата на пророкот во Медина.

Саудиските власти го контролираат влезот и излезот на верниците преку строгите визни правила и имаат посебно Министерство за аџилак, каде има 40.000 вработени.

Во последните 10 години, 24 милиони муслимани на аџилак го посетиле градот. Илјадници државни службеници секоја година се грижат тој да помине во најдобар ред.

Глобалниот град под шатори

За да ги минат шестте чекори на аџилакот, верниците одат во масовни процесии, рамо до рамо со верници од повеќе од 80 земји. Тие споделуваат оброци, молитви и ги минуваат деновите под заеднички покрив.

Првиот чекор е кружната процесија околу Кааба, која се изведува 7 пати. Вториот чекор се деноноќните заеднички молитиви. Третиот ден е посветен на молитви и духовно прочистување, на барање прошка од Алах. На зајдисонце, верниците се движат од планината Арафат кон Муздалифа, каде минуваат ноќ во молитви и собирање камчиња, подготвувавјќи се за ритуалот следниот ден. Се верува дека на ова место пророкот Мухамед ја направил својата последна проповед.

Следниот ден е денот на „каменување на ѓаволот“, по што започнува празнувањето. Последниот ден аџиите се враќаат во Кааба каде одново следи циркуларна процесија од седум пати.

Над милион верници седат на планината, создавајќи бела покривка која е прошарана од бои од чадорите за заштита од сонцето.

Ова е кулминацијата на аџилакот – молитви, рецитирања на делови од Куранот, а не е невообичаено да се слушне и плач, како врв на духовното прочистување.

Нема родова поделба

Мека е единственото исламско свето место каде што мажите и жените се молат заедно и заедно ги вршат сите обреди. Во повеќето џамии, жените и мажите имаат одделни простории за молитви, а во случај кога има само една просторија, тогаш жените својот обред го извршуваат зад мажите.

За време на аџилакот, мажите и жените единствено се одвоени за спиење.

Според студијата на Институтот Брукингс за влијанието на аџилакот, аџиите со кои разговарале имаат позитивни ставови за влијанието на овој ритуал кај жените – поголема грижа за квалитетот на нивниот живот, се залагааат за поголемо образование и вработеност на жените.

Сепак, извештаите за наводно сексуално вознемирување за време на вавките ритуали, долго време фрлаат црна дамка на овој настан. На почетокот на оваа година, пет жени, за Си -Ен-Ен говореа за нивните искуства со сексуална злоупотреба за време на аџилак. Една Британкаа, која инсистирала на анонимнност, изјави дека за време на аџилак била нападната додека се движела кон Големата џамија.

-Тешко е да се зборува за сексуален напад, но уште потешко е да се зборува за тоа во врска со аџилакот, што е столб на исламот, бидејќи е свето, вели таа.

Неименуван саудиски официјален претставник изјави дека властите сериозно ги разгледуваат обвинувањата, но не соопти дали Кралството презеде дополнителни мерки за да се спречат евентуални вакви напади годинава.

Правилата за облекување на жените се  строги, од под шамијата не смее да ѕирне ниту перче коса, бидејќи во спротивно може да предизвика негодување, но и поостра реакција од топлата.

Каменување на ѓаволот

За време на “каменувањето на ѓаволот”, аџиите фрлаат камења на три столба, познати како “Jamarat”, симболизирајќи го отфрлањето на искушението на ѓаволот.

Ритуалот го означува почетокот на четиридневниот празник Еид ал-Адха.

Но, ова е исто така најопасниот дел од аџилак. Луѓето се движат напред и назад помеѓу столбовите и Кааба, што е и најголемиот безбедносен предизвик за организаторите. При овој ритуал, често има и повредени, но и убиени од камењата кои се фрлаат од толпата во задните редови.

Пред две години, повеќе од 700 луѓе беа убиени, а речиси 900 беа повредени во стампедото за време на овој ритуал.

Оттогаш, саудиските власти потрошија милиони долари за реконструкција на областа, правејќи ја на катови, наместо рамна и за поправка на столбовите.

По пет дена, кругот на движење се затвора и верниците се враќаат во Големата џамија за нивните последни молитви.

За верниците и саудиските државни службеници, завршувањето на аџилакот е време кога се враќаат во домот, каде започнува прославата со семејствата. За оние кои го завршиле ова духовно патување, ова носи и одреден повисок социјален статус – лицето кон своето име може да додаде ал-хаџ или хаџи.

Извор: Си Ен Ен
Фотографии: Ал Џезира