Во изминатите пет години Комисијата за верификација на фактите прогласи 124 лица за наредбодавачи и соработници или соработници со поранешните тајни служби. Од овие лица 106 се поранешни извршители на јавни функции, 11 биле актуелни и седуммина биле кандидати за извршување јавни функции, 81 лице биле живи, а 33 починати.
Комисијата за верификација на фактите не успеала да ги утврди матичните податоци за уште 40 лица за кои постојат сомневања дека биле соработници со тајните служби.
Ова е рeзимето кое денеска го соопшти пред новинарите претседателот на Лустрациска Томе Аџиев по својот петгодишен мандат. Задоволен од сработеното Аџиев потсети и на проблемите со кои се соочувала Комисијата.
– Комисијата се соочуваше со доста проблеми во своето работење. Одредена група луѓе во државата сака да се спроведе процесот на лустрација, додека одредена група се противи на процесот, изјави Аџиев.
Toj посочи дека Управниот суд денеска до Лустрациска доставил уште едно решение со кое што потврдува одлука на Комисијата за поранешен судија. Во Управниот суд има поднесено уште 40-ина жалби за одлуки на Комисијата.
Денеска собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да го предложи новиот состав на Комисијата за верификација на факти и исто така треба да предложи претседател и заменик-претседател на оваа Комисија.
Покрај кандидатурите на сите догешни членови на комисијата на конкурсот што заврши минатата недела пристигнале 24 кандидатури.
Меѓу кои се Јанаќи Витановски, поранешен член на комисијата по предлог на СДСМ и Ристана Лалчевска, поранешен пратеник од Либерална Партија. Двајцата се пријавиле за функцијата претседател на Лустрациска, а во игра е и досегашниот претседател Томе Аџиев.




