Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, побара од американскиот амбасадор Пол Волерс, поголема и директна ангажираност во постигнувањето компромис со јужниот сосед.
Претседателот на Демократската унија за интеграција денес на средбата со амбасадорот Волерс, разговараше за политичките случувања во државата, како и за неговите посети на Берлин, Тирана и Софија.
Во годината кога се одбележува 100 годишнина на Балканските војни, според Ахмети, треба да рефлектираме за меѓусебно помирување и интеграција.
Ахмети го информирал амбасадорот Волерс за последните средби со властите во Берлин, Тирана и Софија како и за интензивните напори на ДУИ за поттикнување на решавање на спорот со името со Грција.
Од сите свои соговорници, лидерот на ДУИ побара поддршка за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Тој вели ДУИ е посветена Македонија да стане полноправна членка на НАТО и ЕУ и прави напори да поттикне конструктивна дебата во целото општество за придобивките што земјата и регионот ги имаат од Евроатлантскиот интегративен процес.
Волерс од друга страна, ја повтори поддршката на САД за зачленувањето на Македонија во Евроатлантските структури.