Интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, внатрешнополитичката состојба во земјата, меѓуетничките односи и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор беа во центарот на разговорите кои претпладнево ги водеше Али Ахмети и делегацијата на ДУИ (Муса Џафери и Артан Груби) со политичкиот директор во германското МНР, Ханс Дитер Лукас.
Како што јавува Дојче веле, централната дискусија се водела околу спорот за името, кој е главен проблем кој стои на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети побарал директна германска помош за решавање на деценискиот спор со што, како подвлекол ќе се придонесе за мир, стабилност и економски развој, како и за релаксација на меѓуетничките односи. Непостигнувањето, пак, на компромис носи ризици за отворање други проблеми и поделби меѓу заедниците и го загрозува се‘ она што е постигнато во Македонија по Охридскиот договор, а за што придонес има и Германија.
Според извори на ДВ, германската страна ја изнела познатата позиција: Германија смета дека местото на Македонија е во ЕУ и НАТО, но и подвлекла дека Македонија мора да продолжи во спроведувањето на започнатите реформи, но и во имплементирањето на зацртаното со Охридскиот рамковен договор.