Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по речиси два часа распит во Специјалното јавно обвинителство, вели ја завршил својата граѓанска должност пред обвинителството кое е формирано со потпис на четирите најголеми политички партии.
– Одговорив на поканата на СЈО, кое е формирано со волјата на сите политички партии, за да се расветли вистината и сето тоа што се случува во РМ. Јас гласав во Собранието за основање на оваа институција и воопшто не сум ја избегнувал поканата. Сега сме во предистражна постапка, бараме институциите за владеење на правото да постапуваат независно, без емоции и без етнички предрасуди и да се делува во насока на имплементирање на законите, бидејќи само така може да одиме напред, рече Ахмети по средбата со специјалните обвинители.
Тој на новинарско прашање дали бил повикан како сведок за случајот со уривњето на „Космос“, не сакаше да прецизира за што се однесувал распитот бидејќи како што вели, не е коректно во предистражна постапка да се кажуваат детали.




