Претседателот на ДУИ Али Ахмети попладнево изјави дека денеска ќе нема нова средба на лидерите на четирите најголеми партии за надминувања на политичката криза, јавува МИА.
Ахмети по средбата во Собранието со американскиот конгресмен Елиот Енџел, одговорајќи на новинарско прашање, кусо одговори дека лидерска средба денеска ќе нема.
Дел од медиумите синоќа и претпладнево објавија дека во текот на денов се очекува нов состанок на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, во присуство на амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.
Од Амбасадата на САД и од Мисијата на ЕУ во Скопје за МИА информираа дека таква активност на Бејли и Орав за денеска не е предвидена.
Последната лидерска средба меѓу Груевски, Заев, Ахмети и Тачи се одржа во понеделникот (29.06.2015) од каде по повеќе од еден час лидерите се разотидоја без изјави за медиумите.
Петнаесетина минути подоцна, центрите за комуникација на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ испратија идентични соопштенија.
-Лидерите на главните политички партии се состанаа за да ги продолжат дискусиите за точната организација на Владата што ќе ги подготви изборите. Се договорија да се состанат повторно во наредните денови. Премиерот Груевски го претстави Владиниот план за примена на препораките што се однесуваат на системски реформи во областа на владеење на правото, што е потребно да се спроведат согласно точката 6 од договорот од втори јуни, се вели во партиските соопштенија.
Во тој контекст, како што беше посочено, лидерите се договориле да се состанат повторно во деновите што следуваат.




