Амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија денес го посетиле седиштето на Демократската Унија за Интеграција во Тетово каде се сретнале со претседателот на партијата, Али Ахмети, инфомира неговиот кабинет.
Амбасадорите го изразиле нивниот интерес за ставовите на ДУИ за актуелната криза во земјата и општо околу политичката ситуација во земјата и регионот.
Ахмети ги повикал амбасадорите да поставуваат прашања од нивен интерес.
– Амбасадорите високо ја оценија улогата на ДУИ во однос на решавањето на кризата и изразија интерес за време на траењето на актуелната политичка криза, за спроведување на препораките од страна на Европската Комисија и на Рајнхард Прибе, спроведувањето на Охридскиот договор, инцидентот во Куманово итн, се вели во соопштението на ДУИ.
Првиот човек на рекол дека ДУИ била и останува во тесна координација со претставници на ЕУ и САД во земјата пред и за време на политичката криза, а така ќе остане и во иднина.
– Нашата соработка е природна бидејќи делиме исти интереси, за интегрирање на земјата во НАТО и Европската Унија, порачал Ахмети.
Во соопштението ДУИ наведува дека акциониот план на Владата кој ги содржи препораките на ЕУ треба да се спроведува со поддршка на целото општество за да се обезбеди функционирање на институциите во согласност со европските очекувања како и да овозможи зголемување на довербата на граѓаните и политичките партии во интегритетот на институциите.
– ДУИ останува партнер на сите сили кои сакаат мирна и стабилна Македонија, со здрави меѓуетнички и соседски односи со целосно спроведување на Охридскиот Договор и целосно интегрирана во НАТО и ЕУ, се вели понатаму во соопштението на партијата.
Али Ахмети исто така ја поздравил блиската сорабтока меѓу Косово и Македонија за случајот во Куманово со цел вистината да излезе на виделина.




