„Ова пред се‘ беше многу значаен состанок и многу пријателски разговаравме
за регионалните политики, за инвестициите, како и за интегрирањето на нашата земја и целиот регион на западен Балкан во евроатлантските структури. Република Грција секогаш ќе биде од полза и ќе му помага на регионот да стане дел од НАТО и ЕУ. Истовремено разговаравме и за градењето силни односи со соседите, како и од потребата за соработка на сите политички и економски полиња“, изјави Ахмети по средбата со грчкиот министер за надворешни работи и вицепремиер Евангелос Венизелос.
Тој информира дека го иницирал и прашањето за името на Македонија затоа што земјата има потреба што е можно побрзо да стане дел од НАТО и ЕУ, јавува МИА.
„Тоа е тема која бара залагање од Обединетите Нации, посебно од медијаторот Метју Нимиц кој набргу ќе го посети регионот“, нагласи Ахмети и додаде дека со Венизелос не разговарале за конкретни предлози.
„Ќе почекаме и ќе видиме како ќе се развива ситуацијата по посетата на Нимиц. Остануваме оптимисти дека Нимиц доаѓа со мисија“, рече Ахмети.
Во однос на агендата на грчкото претседателство со Унијата, на која проширувањето не е меѓу приоритетите, Ахмети изјави дека Грција е заинтересирана Македонија да постигне напредок во евроинтеграцијата.
„Грција е заинтересирана нашата земја да ги исполни стандардите кои што ќе ја доближат до ЕУ. Без разлика дали е тоа во полето на судството или слободата на медиумите, или во внатрешната демократија“, рече Ахмети.




