Пишува: Нано Ружин

Градоначалникот Петре Шилегов, в недела на 31 октомври, го игра
најзначајниот меч во неговата политичка кариера. Дали ќе успее да ги надомести осумте илјади гласови на својот политички противник? Ќе го задржи ли градоначалничкиот трон на главниот град? Многу луѓе се разочарани и се сомневаат во крајниот исход. Но зошто да не веруваме во кроткиот обрт? Утакмицата се игра деведесет минути. Сега е звршено само првото полувреме. Не смееме да го обесхрабруваме Шилегов туку да го храбриме и да ги толкуваме главните влогови на неговата битка за Скопје. Во 2008 еден историски значаен лик Барак Обама се поведе по слоганот: „Yes We Can – Да, Ние можеме!“ Во 2008 малку Американци верувале дека ќе го изберат првиот црн претседател на најмоќната држава во светот. Само истакнал: кога ние успеавме да ги надминеме пречките кои на прв поглед изгледаа непремостиви, си кажав „Да, ние можеме“! Исто како што тоа го правеле основачите на САД, робовите и аболиционистите, синдикалците и жените кои се бореле за
човекови права, Мартин Лутер Кинг и Мандела.

Тоа е едноставното кредо во кој верува и Шилегов: Да, ние можеме обединети, приземнети, реални, полни со позитивна енергија и охрабрени. Во нашите простори тоа кредо сликовите ги водело АСНОМ-ците и татковците на нашата независност, тоа било и кредото на многу познати и непознати сограѓани, тоа беше и кредото на Зоран Заев кога реши да ги обзнани прислушуваните разговори, за чија содржина неговите постари другари од Бихаќка не ни помислуваа да ги објават. Веруваше дека „Ние можеме!“ и за време на Бартоломејската ноќ од 27 април, или кога заедно со Ципрас го потпишуваше Договорот од Преспа или кога фрустриран од француското вето, реши да распише предвремени парламентарни избори. Петар Шилегов, исто така, мора да покаже дека „Ние можеме“. Тој излезе од градоначалничката еуфорија. Сфати дека политикате е пред се исполнета со пасии, афекти, чувства, позитивна енергија, а помалку со затворена и контролирана рационалност, и програми кои половина од бирачкото тело ниту ги погледало ниту ги импресионирало. Сепак, мечот почнува од нула но со еден поангажиран и подинамичен тим, со еден сегмент на поосвестени граѓани за предизвиците што демнат, доколку Шилегов ги изгуби изборите.

Влогот за избор за градоначалник на Скопје има најмалку тројно значење. Доколку Шилегов победи тоа ке биде голема победа за неговиот Социјалдемократски Сојуз и коалицијата на ниво на државата и јакнење на извршната власт на чело со Зоран Заев и секако јакнење на политичката позиција на Шилегов. Со оваа победа ќе се отвори широк простор за мирно довршување на владините реформи и забрзување на европскиот пат на Северна Македонија која во ноември ќе го реши спорот со Бугарија.
И конечно со оваа победа ќе се зацврсти локалната власт на владеачката коалиција во главниот град, каде живеат речиси третина од граѓаните на нашата држава. На тој начин не само Скопје, туку и целата држава влегуваат во една нова ера на очекувања, чиј епилог ќе биде утврдување на долгоочекуваниот датумот за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Споменатите три димензии според значењето и последиците кои можат да
произлезат од успехот или неуспехот на Шилегов и го надминуваат чинот на изборот за градоначалник на Скопје. За анализата на овој настан не се потребни многу филозофии и фразеологии, туку еден рационален системски  пристап на применетата политика. Познато е дека во политиката, особено во транзионите демократии, должината на мандатот е обратно-пропорционална со популарноста на политичарот. Вие можете да афирмирате стотици нови идеји, да направите прометејски подвизи, да градите и надоградувате, да се надевате дека ќе успеете да погодите она што сонува вашиот бирач пред да заспие, да се обидете да го пронајдете патот до неговото срце, но и да промашите и да одговарате за најелементарни ситници. Ловците на скандали и
жолтата штампа секогаш ќе најдат некоја посластица за да ја исмејуваат или
критикуваат јавната личност. Социјалните мрежи го шират јазикот на омраза со цел да постигант извесен негативен ефект во јавното мислење. Можеби изгледа парадоксално но опозицијата котира подобро во електронските и пишуваните медиуми. Згора поседува и сопствен телевизиски канал, силна контрола на социјалните мрежи и портали, свои миленковци и јанковци… Бирачкото тело е збунето под напливот на контроверзните вести, новини, исмејувања, измислени скандали. За Шилегов еден од значајните предизборни ребуси беше целта: Како оние интелигентни, но слабо информирани луѓе или жртви на лажните вести и афери да ги натера да подржат една проевропска опција? Како да проникне во главата на избирачите и што навистина посакуваат скопјаните? Што презираат и што ги нервира ? Колку им веруваат на говорите од стилот на Мицкоски дека „ Филипче бил одговорен за 7000 жртви, а не пандемијата?“ Што е дури потценување на интелектот и на најнеписмените. Такви тези се дел од „теоријата на заговор“ кои се темелат на ирационални аргументи со опасни
консеквенци. На пример, во Белград, на општо запрепастување на јавноста, познатиот вирусолог Доктор Кон, антиваксерите го нарекоа Менгеле и Усташ, затоа што смета дека во Србија се рушат црните рекорди на пандемијата и треба да се превземат построги мерки. Белки дотаму нема да оди Мицкоски.

Вие можете да го мразите или сакате Шилегов, да го критикувате и исмејувате,
да му ги редите маните и пропустите, но во овој случај изборот ја надминува и
неговата личност како и нашата привата емоција. Првиот круг заврши и сега штабот од Бихаќка знае што скопјани мислат за Шилегов и Арсовска. Уште од антички времиња луѓето го поимале светот тргнувајки од нивната лична реалност. Чудно колку е слаба меморијата на скопјани за руглото кое им го наметна претходната власт со стиропор-барокот, кич-неокласицизмот стотиците споменици кои веќе се распаѓаат, а ја чинеа државата близу една милијарда евра, исто колку и најсовремениот медицински град. Слушаме и гледаме дека неговиот противкандидат зборува за „модерно Скопје“?
Хмм, модерно како од 2014 ? Можеби штабот на Шилегов требаше подлабоко да
размисли и за уште еден слоган „Скопје 2014 – Никогаш Повеќе !“

Да бидеме чесни, тој наследи многу тежок архитектонски кич, недоизградени
згради кои се ругло на самиот центар, а во меморијата му е сеуште сликата за
рушењето на „Косомос“ на Фијат Цаноски, кој сеуште е заглавен во судските
лавиринти. Го наследи и опакиот волунтаризам и лошото менаџирање и
неодговорноста на градоначалниците на скопските општини кои покажаа дека биле недораснати и без визија. Симпатизерите на СДСМ и неутралните беа оправдано лути на овие млади или недоволно искусни и луѓе кои не знаеа да управуваат со поклонетиот болид онака како што очекуваа бирачите.

Петар Шилегов е демократ, но се добива впечаток дека неговиот тим беше
недоволно инволвиран на теренската работа, делуваше млако и полузаинтересирано. Не е доволно само да ја оставите програмата и мајцата на вратата, туку треба да „изгубите“ барем две минути во комуникација и да бидете учтиви со секого. Дали премногу беа убедени во победата и го потценија  неговиот против-кандидат теледелегиран од Будимпешта? Самиот чин што Арсовска одбива да излезе на на ТВ-дебата, веќе асоцира на единаестте години  непочитување на јавното мислење. Добро е што меѓу двата круга ги облече цокулите и ја интензивира кампањата „од врата до врата“. Цврсто верува дека со своите коалициони партнери, кои конечно се обединија, ќе може да ја победи кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ. Свесен е дека во Скопје, како и
во останатите европски урбани средини, се формира новиот профил на бирач.
Фотороботот на младиот урбан лик покажува дека се работи за индивидуалец,
автономен, информиран, потрошувач, воден од принципот на сопственото задоволство, дирекно сврзан со центрите на неговиот афинитет, бунтовник кон власта и кон традиционалните елити и припадник на средната класа.

Иако се работи за локални или комунални избори, врвовите на владеачките и
опозиционите партии се длабоко вмешани во локалните избори. Дали новоизбраниот градоначалник ќе биде ќе биде фактор на јакнење на централната власт или ќе настојува да ја ослаби и да предизвика предвремени парламентарни избори, зависи од изборот на граѓаните. Факт е дека локалните избори не се несреќни случаи на историјата, но исто така, не се ни врвот на политичкиот мазохизам? Со оглед дека сме мала држава, секој политички процес ја потресува држава. Но во ниту една држава во Европа епилогот на локалните избори не предизвикал предвремени парламентарни избори. Оваа коалиција е должна пред народот да го заокружи кружното патување на Северна Македонија кон ЕУ. Луцидната закана на Заев дека ќе понуди оставка, доколку го загуби Скопје, можеме да ја прифатиме како дел од политичкиот маркетинг, но не и како сериозен политички услов за неговото заминување од политиката. Но за да ги распршиме сите сомнежи, ќе му порачаме на Шилегов и подржувачите: Петре, Yes We Can!  Петре, Ти можеш!