Директорот на Државниот архив, Зоран Тодоровски, ќе го тужи академик Блаже Ристовски, бидејќи без дозвола го објавил Дневникот на Крсте Петков Мисирков во своето последно дело – четвртиот том Собрани дела на Мисирков, јавува 24 Вести.
Тодоровски во отворено писмо објавено во весникот Дневник, напишал дека вакво присвојување, или поточно плагијат и препишување, досега е незабележано во историјата на македонската научна јавност.
Меѓудругото, гестот го смета за непримерен, бидејќи Ристовски пред неколку години бил и меѓу најгласните противници на објавувањето на Дневникот како „антимакедонско издание“.
Од Кабинетот на претседателот на МАНУ, академикот Камбовски, велат дека консултациите биле во тек и дека Академијата нема изградено официјален став како ќе постапи.
Ракописот на Крсте Петков Мисирков го сочинуваат околу 400 страници, напишани на руски литературен јазик во 1913 година, во близина на Одеса, каде во тој период живеел и работел Мисирков.
Делото крена многу прашина во јавноста бидејќи во него основоположникот на македонскиот јазик и култура, меѓудругото, се тврдеше дека се потпишувал и како „македонски Бугарин“.