Наша намера како држава е целосно да се интегрираме и да станеме членка на Европската Унија (ЕУ). Затоа ги следиме западните политики и заедно треба да го сносиме и лошото и доброто. Ќе ги следиме и сите препораки за плаќањето на рускиот природен гас, потврди денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Како Министерство за економија ќе ги следиме сите одлуки што се носат од страна на Европската комисија (ЕК) и секоја одлука што ќе ја донесат ќе ја донесеме и ние преку Министерството за надворешни работи, вклучително и во делот на енергенсите. Наш интерес е да ја зголемиме сигурноста во делот на снабдување со енергенси и да го диверзифицираме снабдувањето со природен гас и затоа наскоро ќе се објави тендерот за изградба на новиот гасен интерконектор со Грција. Бараме од ЕК да влијае на Бугарија да се ослободат капацитетите кои се закупени од страна на „Гаспром“, рече Бектеши.

Тој нагласи дека се прават подготовки за обезбедување на алтернативни енергенси за топланите и енергетските капацитети за да работат во континуитет, согласно нивните планови за производство, доколку Русија одлучи да го запре снабдувањето со природен гас за земјава.

„Гасот моментно не го плаќаме во рубљи, но доколку Русија инсистира, а Европската комисија има одлука да не се плаќа во рубљи и ние нема да го правиме тоа. Како држава до овој момент со гас се снабдуваме само од „Гаспром“, имајќи предвид дека сите капацитети се закупени од тој оператор“, посочи Бектеши.

Земјава во моментот е 100 проценти зависна од руски природен гас кој го набавува преку гасоводот со Бугарија каде до 2030 година руски „Гаспром“ ги има закупено сите капацитети за транспорт на гас до нашата граница. Народната банка, пак, веќе ја стави рубљата на курсната листа со што постои можност за плаќање на гасот со руската валута.