Актерите Синоличка Трпкова, Петар Арсовски, Ана Костова и Софија Куновска кои работеа на култниот проект „Бушава Азбука“ вечерва пред македонската радиотелевизија му дадоа поддршка на генерал Стојанче Ангелов на ненасилните протести со кои бара ослободување на телевизијата од, како што вели Ангелов канџите на власта, за да може да ги пренесува бомбите на опозицијата.
Пред собраните граѓани говор одржа актерот Петар Арсовски кој порача дека МРТВ е куќа на граѓаните кои плаќаат за да се информираат и затоа должност е да се поддржат собирите на Ангелов со кои се врши притисок за ослободување на телевизијата.
-Оваа куќа е должна да нè информира секој ден и да информира точно. Штета е нејзината гледаност да е катастрофална. Никој веќе не ја гледа оваа телевизија, затоа што овие луѓе се доведени во ситуација од власта да не го емитуваат она што народот има право да чуе од нив, туку емитуваат она што ќе им нареди Груевски, порача актерот Арсовски.
Генералот Ангелов вели дека неговата борба е оправдана, бидејќи кога ќе се ослободи телевизијата, тогаш граѓаните ќе можат да ја дознаат вистината за тоа како функционира актуелната власт.
-Кога ќе ја ослободиме од канџите на режимот, тогаш и во најдалечното македонско место и село, ќе можат граѓаните да ги слушнат оние гнасни разговори полни со злосторство против македонските граѓани. Тогаш граѓаните од цела држава ќе се кренат и на клоци ќе ги избркаат, без насилство со масовност, рече генерал Ангелов.
Групата граѓани, меѓу кои присутни беа и активисти, новинари и актери, се упати во колона кон Јавното обвинителство, каде Ангелов го заврши говорот и посочи дека Обвинителството е должно да ја тргне забраната кон медиумите да не објавуваат за прислушуваните разговори.
-Такво соопштение со кое што се забранува на МРТВ да ги емитува разговорите на опозицијата е само за заштита на режимот и верувам дека за неколку дена ќе го срушиме. Во моментот кога ќе нема такво соопштенеи или одлука Горан Петрески е должен веднаш да започне со емитување на бомбите. Доколку нејќе, ќе му влеземе внатре, вели Ангелов.
Тој најави протести во истиот термин и во текот на наредните денови, но ги повика граѓаните во масовен број да излеза на ненасилен протест во сабота на пладне.
Генералот Ангелов завчера оствари средба и со уредникот на информативната програмата на МРТВ Горан Петрески кој рекол дека јавниот сервис да ги објавува бомбите сè додека Обвинителство не ја тргне забраната за емитување на вакви содржини.
Соопштението на кое се повикува уредникот на МРТВ, Горан Петревски како причина поради која не ги објавува „бомбите“ на опозицијата е од трети февруари и гласи:
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно своите овластувања ќе изврши проверки во врска со фактите и околностите под кои материјалите од средбата помеѓу Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев, дошле до медиумите.
Јавното обвинителство на Република Македонија цени дека е неопходно да нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон.
Затоа, предупредуваме веднаш да запре објавувањето и емитувањето на ваквите материјали. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција упати Барање до МВР на РМ да стапи во контакт со мрежата на која што беше објавен материјалот за негово отстранување како и отстранување на сите слични материјали кои би се појавиле во иднина.“
За разлика од јавниот сервис, дел до телевизиите и речиси сите интернет портали во земјава континуирано ги објавуваат прислушуваните разговори кои ги обелоденува лидерот на СДСМ Зоран Заев.




