Сирискиот претседател Башар ал-Асад за кинеската државна телевизија изјави дека вооружени лица би можеле да го попречат пристапот на инспекторите до местата каде што е складирано хемиското оружје.
„Ние знаеме дека овие терористи се водат по наредбите на други земји, и овие земји ги наведуваат терористите да извршат дејствија според кои би се обвинила сириската влада за попречување на договорот“, вели Асад во интервјуто.
Асад исто така ги критикува САД околу заканите за напад на Сирија за нивната програма за хемиско оружје, нагласувајќи дека Обама и неговата администрација бараат „изговор за отпочнување војна“.
Американскиот претседател Барак Обама претходно предупреди дека е подготвен да ја нападне Сирија, дури и без согласност на ОН, доколку Асад не го почитува договорот помеѓу САД и Русија според кој режимот на Асад треба да го предаде своето хемиско оружје на меѓународните институции за контрола.
„Доколку САД сака да најде оправдувања за војна, ќе ги најде бидејќи никогаш не прекинале војна“, надополнува Асад.
Тој потенцира дека САД треба да престане со превласт над другите земји, во спротивно тие мора да бидат постојано алармирани.
На прашањето дали Сирија поседува хемиско оружје, Асад вели: „Сирија произведува хемиско оружје веќе неколку децении, затоа нормално е да има голема количина во земјата“.
Во интервјуто, Асад вели дека хемиското оружје било складирани „под посебни услови“ за да се спречи пристап до него.
„Значи не би требало да постои грижа околу тоа. Хемиското оружје во Сирија е на безбедно место и под контрола на сириската армија“, потенцира сирискиот претседател.