Светиот крстот кој за Богојавление се фрла во водите нема магиска моќ, ниту пак така може да делува на оној кој прв ќе го фати. Дел од Православните Христијани низ Македонија вчера покажаа недолично однесување – насилството покажа дека не заслепила таа еуфорија да го фатиме крстот, коментираат за НОВА теолозите.
„Безредие недолично за Христијанството. Ако сме ја изгубиле суштината, сега ја губиме формата која е само основен предуслов за да се напредува во Христијанството. Христијанското однесување подразбира ред и послушност не треба да се истакнуваме со тоа кој ќе го фати крстот за слава или за суета“ објаснува за НОВА, теологот Алексадар Ивановски.
„Ако немаме христијанско смирение и кроткост и се искажува агресивност кон најблискиот, во случајот со Штип дури и кон жена – вклучен е голем аларм за нашите сфаќања на христијанството и учеството во обредите – далеку сме од вистинскиот духовен црковен живот“, констатира Ивановски.
Според него дури е поважно да се покаже заедништво во учеството во тој црковен обред од тоа кој ќе го фати крстот.
„Учеството во обредите на црквата треба да биде со смирение, со трпение и најважно од се со вера. Секогаш треба да се прифати волјата Божја во конкретниот случај благословот бил на лицето кое го фатило крстот и тоа треба да се почитува. Нема оправдување за оние кои се фрлаат по крстот за материјална корист“, потврдува отец Бобан Митевски.
Теолозите сметаат дека е потребна предходна едукација на луѓето како треба на христијански начин да се однесуваат при учеството во црковните обреди. И покрај повиците на свештениците и архиепископот г.г. Стефан кои ги опоменуваат дека така не треба да се однесуваат насилно, верниците искажаа своеволие и непочит, спротивно на основите на Христијанството – а тоа е послушанието.
Имаше непристојни турканици дури и при делењето на светата водата, кои се недопустливи. Цела Македонија се претвори во нешто што не треба, сметаат свештениците.
НОВА од црковни извори дознава дека Синодот размислува за укинување праксата за скапите дарувања (телевизори, компјутери и сл.) за оние кои први ќе го фатат светиот крст, се со цел да се стави крај на еуфоријата која отстапува од вистинска религиозна смисла.
„Популизмот во политиката и популизмот во верата само горчливи плодови носи“, изјави отец Ивица Тодоровски.




