Албанското Министерство за надворешни работи изрази загриженост поради, како што се наведува, насилството на полицијата врз демонстрантите .
Во соопштението, што го објавија албанските медиуми, се вели дека Министерство изразува загриженост поради насилството што го употреби полицијата за време на демонстрациите на Албанците во Скопје.
Тирана бара од македонските власти, судските институции да гарантираат праведен судски процес кој ќе се се базира на аргументи против шестмината Албанци.
„Насилството кое е применето не служи за да помогне во осветлувањето на случајот и ги нарушува меѓуетничките односи и хармонија на заедниците“, стои во соопштението.
Албанското МНР ќе продолжи со внимание да ги следи настаните во Скопје, и ги повикува страните да искажат воздржаност.
Македонското министерство за внатрешни работи, вчера соопшти дека во демонстрациите биле повредени дваесетина полицајци и неколку демонстранти, а биле приведени шест лица.
Според македонската полиција, поголем број демонтранти со камења и тврди предмети попладнето ги нападнаа полициските службеници кои ги обезбедуваа ненајавените протести. Демонстрантие палеа предмети по булеварите во централното градско подрачје и ја оштетија фасадата и неколку прозорци на Основниот суд Скопје 1.




