Албанија ги завршува последните подготовки пред утрешната посета на Папата Франциско за која се преземени големи мерки на безбедност. Над 2 500 полицајци ја обезбедуваат посетата на Папата, а на сила се и вонредни мерки на безбедност.
За неговата безбедност се ангажирани и припадниците на Националната гарда, а на повисоките објекти низ градот, посебно на плоштадот “Мајка Тереза” каде што ќе се одржи свечената миса ќе бидат поставени најмалку педесет снајперисти. Посебен режим е воспоставен и за сообраќајот по деловите каде што ќе минува папата. Неговата посета ќе ја следат 1.200 странски новинари, а на мистата се очекува да присуствуваат најмалку 500 илјади лица.
Долж патот од аеродромот Мајка Тереза до центарот на Тирана се поставени албански знамиња и знамиња на Ватикан.
По повод посетата на Папата поштата издаде марка со неговиот лик, а трговците нудат сувенири.
По должината на булеварите во Тирана се поставени паноа со портрети на 40 маченици на албанската католичка црква, за кои во Ватикан во тек е процес на канонизација започнат во 2002 година.