Албанија влегува во нова, финална фаза од преговорите со Европската Унија.
Во Брисел се одржува осмата меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската Унија, на која треба да се потврди исполнувањето на привремените услови од кластерот „Основи“, што е најчувствителниот дел од пристапниот процес.
На конференцијата се утврдуваат и завршните критериуми за Кластерот 1, кој ги опфаќа правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста, функционирањето на демократските институции, јавната администрација, економските критериуми, јавните набавки, статистиката и финансиската контрола. Тоа практично значи дека Албанија од фазата на отворање поглавја се движи кон фазата во која треба да почне да ги затвора преговарачките обврски.
Албанската делегација ја предводи премиерот Еди Рама, додека од европска страна на состанокот учествуваат претставници на Советот на ЕУ и комесарката за проширување Марта Кос. Рама пред конференцијата порача дека Албанија е „поблиску од кога било“ до Европската Унија и дека очекува земјата да стане полноправна членка до 2030 година.




