Учениците од албанските паралелки во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и медицинското училиште „Никола Штејн“ од денеска почнуваат со бојкот на наставата.
Тие денеска на едночасовен протест на плоштадот во градот го искажаа револтот од лошите реформи во образованието. Со транспаренти „Стоп за екстерното тестирање“, „Не успеавте, нема да се предадеме“ албанските средношколци му посочија на министерот Адеми дека и тие се будни.

Албанските средношколци се приклучуваат на бојкотот на формалната настава во училиштата, по примерот на речиси 18 илјади средношколци во земјава кои чекаат средба со министерот Адеми на која би ги образложиле своите ставови во врски со измените во полагањето државна матура, а за во петок најавуваат уште еден протест.
Средношколците бараат да се врати стариот концепт на полагање државна матура, односно да се отфрли електронското полагање на предметите кое според нив е нефункционално, како и да се сопре екстерното тестирање.
Сè додека не остварат средба со министерот, тие велат дека ќе ја бојкотираат формалната настава, но ќе останат во училишните холови, исполнувајќи го училишниот ден со различни активности.
Досега во Тетово се одржаа два масовни средношколски маршеви против реформите во средното образование кои ги затекнаа учениците на половина од учебната година.
Видео запис од активностите на тетовските средношколци за време на вториот марш
Освен во Тетово, наставата веќе шест работни денови е бојкотирана во сите скопски гимназии. Се бојкотира и во Струмица, Куманово, Охрид и Битола.
Втора недела по бојкотот на наставата, министерство за образование сè уште нема став што понатаму околу барањата на средношколците.
-Сè уште немаме став во однос на бојкотот, денеска ќе разговараме со министерот па ќе ве известиме. Ваков одговор од портпаролите на министерот за образование денеска добивме на прашање дали министерот Адеми е запознаен дека две недели се случува бојкот во средните училишта и дали ќе ги повика средношколците на дебата.
Мапата на бојкотот на училишта на ниво на Македонија, може да ја погледнете тука.




