фото: Фокус
Ален Зекиров, поранешниот телохранител на директорот на УБК, Сашо Мијалков, доби шест месеци казна затвор за сообраќајната несреќа што се случи во 2009 година, во која загина 73-годишниот Симо Серафимовски, објави Фокус.
Сообраќајката се случи во Скопје на „Партизанска“, кога Зекиров на мотор удри во скопјанецот Серафимовски, додека на пешачки премин го туркал својот велосипед. Зекиров треба да плати и судски трошоци во вредност од околу 100.000 денари.
На објавувањето на пресудата не присуствуваше обвинетиот Зекиров, ниту пак семејството на починатиот Серафимовски.
Судскиот процес траеше речиси шетс години, бидејќи голем број од рочиштата се одложуваа поради неприсуството на обвинетиот, но и поради изработката на вештачењето.
Клучниот елемент што требаше да се утврди беше дали починатиот Серафимовски го туркал велосипедот или го возел кога го минувал пешачкиот премин. За ова беа изготвени три вештачење, кои покажуваа различни наводи. Сообраќаен вештак од Бирото за судски вештачења, во јануари 2013 година, презентираше наодот за сообраќајката според која моторџијата Зекиров се движел по левата коловозна лента со 65 километри на час, што е во границата на толеранцијата, а сега починатиот Серафимовски поминувал на пешачкиот премин возејќи го велисипедот и бил отфрлен 22 метри од местото на несреќата.
За СДСМ оваа пресуда “е резултат на двојните аршини на македонското судство, контролирано од само еден центар, Никола Груевски и неговата фамилија. Да се усмрти човек, процесот да се одолговлекува 5 години и тој да резултира со 6 месечна затворска казна, додека во низа други случаи, луѓе, за недокажани дела, лежат со години во притвор, или се еспресно осудени со огромни затворски казни покажува под какви притисоци функционира судскиот систем во Република Македонија и колку може да му се верува”, вели СДСМ во своето соопштение до јавноста.




