Али Ахмети денес беше на разговор со амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав. Средбата се одржа во американската амбасада а главна тема на разговорот била примената на договорот од 2 јуни и протоколот од 14 јули или ткнр Договор од Пржино.
„Претседателот Ахмети нагласи дека ДУИ целосно го поддржува договореното и прави напори за негова успешна реализација придонесувајќи преку конструктивни и надпартиски предлози. Специјалниот обвинител го претставува следниот предизвик и затоа партиите треба да се ангажираат максимално за да овозможат успешно функционирање на оваа привремена институција во рамки на обвинителскиот систем на земјава“, соопшти ДУИ.
Според ДУИ, Ахмети на средбата рекол дека треба брзо да примени договореното за да може Македонија да се посвети на приоритетните прашање како што се евроатлантската интеграција, добрите меѓуетнички и меѓусоседски односи како и економскиот развој.
Како што јавува ТВ Телма, ДУИ информирал дека главна тема на разговорите бил изборот на специјален обвинител како и тоа дека Ахмети посочил можни решенија, но од партијата не прецизираат дали при тоа станало збор и за конкретни персонални решенија.
Вчера во американската амбасада на средба беше лидерот на ДПА Мендух Тачи кој изјави дека ДУИ го кочи процесот од Пржино со тоа што вели дека нема време за спроведување на попис. Според Тачи потребна е само политичка волја за да има попис. Од ДУИ денес изјавија дека на средбата во амбасада не се зборувало за пописот.
Вчера во амбасада на САД беше и Зоран Заев но нема информации за содржината на разговорот.




