Алијансата за позитивна Македонија, денеска во 12 часот, во Македонската опера и балет (МОБ) го одржува своето основачко Собрание.

На седницата на собранието, според најавата, ќе биде усвоена одлука за конституирање на Алијансата за позитивна Македонија, ќе биде донесен статутот и ќе бидат избрани органите, како и претседател на Алијансата за Позитивна Македонија, за кој информациите се дека ќе биде еден од основачите: Минчо Јорданов, Владо Бучковски и Љупчо Зиков

Ќе бидат, исто така, презентирани и основните принципи на политичко делување на новиот политички субјект Алијансата за позитивна Македонија кои ќе бидат основата за скорешното промовирање на програмата.

Се очекува на делегатите и гостите кои се најавени од сите региони на државата, да им се обратат иницијаторите на создавањето на Алијансата за позитивна Македонија, бизнисменот Минчо Јорданов, поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Владо Бучковски и новинарот Љупчо Зиков.

Како што рече Бучковски на крајот од јуни кога беше промовиран првпат овој нов субјект на македонската политичка сцена, иницијаторите сакаат да создадат силен опозициски блок и да воведат нова политичка култура.

-Потребна е нова политичка конкуренција која ќе внесе достоинство во општествениот живот, и ќе ја разбие црно-белата слика на политичката сцена, рече тогаш Бучковски.

Зиков, пак, најави дека Алијансата има човечки потенцијал кој „знае што треба и како треба да ја направиме македонија да биде посилна, поуспешна и попривлечна”.