Главниот одбор на Алијансата за позитивна Македонија, соопштува дека “го поздравува постигнатиот договор за разрешување на политичката криза во Македонија“, постигнат во Скопје на 2.јуни 2015 година, помеѓу четирите преговарачки политички партии под посредништво на евро-комесарот Јоханес Хан и во присуство на амбасадорите на ЕУ и САД во Македонија.
– Потврдувањето на заложбите кон Евроатланските процеси и демократските принципи, кон зајакнувањето на меѓуетничките односи и унапредувањето на добрососедските односи, е неопходната рамка што можи да обезбеди квалитетно разрешување на кризата, се вели во соопштението на АПМ.
За АПМ велат, особено е важно што е постигнат договор да Република Македонија влезе во транзициски период до крајот на април следната година, кога ќе треба да се одржат предвремени парламентарни избори, и дека во тој период ќе треба да се подобри изборниот Законик, да се пречисти избирачкиот список и да се почитуваат правата на малцинствата.
– АПМ уште на 29.март 2015 година зазеде став и излезе во јавноста со ставовите дека до политичко решение на кризата треба да се дојде преку вонредни парламентарни избори кои ќе бидат организирани според нов Изборен Законик, кој треба да предвиди:
Целосно одвојување на партиите од државата и од управувањето со изборниот процес;
Република Македонија да биде една изборна единица;
Отворени кандидатски листи;
Загарантирани пратенички мандати за сите заедници врз основа на уставниот принцип за соодветна и правична застапеност;
Департизација на Државната изборна комисија;
Пред распуштање на парламентот за сите наредни парламентарни избори да се формира непартиска техничка влада што ќе ги реализира изборите.
АПМ забележува дека е неоспорно за спроведување на потребните реформи за применување на демократските принципи за време на транзициониот период да има транзициска експертска влада.
За АПМ е неопходно пред изборите во април 2016 година, да се одвојат партиите од државата, со тоа што ниту еден член на владата не можи да биде кандидат за пратеник.
– Кој ќе се сака да се кандидира во листата на пратеници ќе мора да поднеси оставка од Владата, пред распуштањето на парламентот за престојните избори, се вели во соопштението.




