Италијанскиот национален превозник „Алиталија“ по две и пол години ги прекинува директните летови од Рим за Скопје, со образложение дека се работи за помала продажба на карти од очекуваната.
Последниот лет од Рим за Скопје ќе биде на 30 ноември. Продажбата на билети веќе е прекината. Компанијата не соопшти што ќе се случи со веќе купените карти за летовите по 1 декември.
Со откажувањето на оваа линија, Скопје останува поврзано со Италија преку нискобуџетната унгарска компанија „Визер“ со летови до Бергамо, близу Милано и Тревизо близу Венеција.
Ова е трет редовен превозник што ги прекинува летовите за Скопје со зимскиот ред на летање. Пред две недели и швајцарската „Свис“ и чешката „Чех ерлајнс“ ги прекинаа линиите од Женева и од Прага.

