Компанијата „Амадеус девелопмент“ – ДООЕЛ ќе ја гради зградата со популано наречените „шпански скали“ во центарот на Скопје. На електронската аукција фирмата понуди 93.100 денари за метар квадратен или вкупно 1.580.000 евра за парцелата од 1046 квадрати на која е планиран објект за комерцијални и деловни намени во стил на барок.
Почетната цена на наддавањето беше 100 евра за метар квадратен, а понуди доставија и „Кам“ – ДООЕЛ од Скопје и бугарската компанија „Инфра инженеринг“.
Најповолниот понудувач треба во рок од 15 дена да ја уплати побараната банкарска гаранција од 100.000 евра и цената за земјиште купено со наддавање. Потоа ќе следи потпишување на договор со Министерството за транспорт, а купувачот има обврска во рок од 9 месеци да обезбеди градежна дозвола за предвидениот објект. Проектот за зградата треба да биде изработен во согласност со идејното решение за фасадно обликување на објектот и да се изгради и предаде во употреба најдоцна за 6 години.
Зад компанијата која треба да ја изгради зградата меѓу „Сити галери“ и ресторанот „Пелистер“, стои албанската фирма „Амадеус груп“ која на македонската јавност и` е позната уште од 2011 година кога беше најповолен понудувач за изградба на хотел исто така во барок стил и катна гаража на левиот брег на реката Вардар, под американската амбасада.
„Амадеус груп“ во Златна книга е регистрирана како компанија чие седиште е во близина на Момин Поток во Скопје но, назначениот телефонски број не постои, објавува Телма ТВ. Во кусиот текст единствено пишува дека фирмата се занимава со трговска дејност, со продажба и сервисирање на пумпи, електромотори и генератори,машински делови и електромотори.
Според идејното решение на Министерството за транспорт, зградта ќе биде висока 16 метри, односно приземје плус 3 ката. Освен скалите, од двете страни на главниот влез ќе има две кочии со коњи, а низ целиот објект од надворешната страна ќе има околу 25 скулптури.




