Во Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија денеска се одржуваат настани за оддавање почит на жртвите од терористичките напади пред 12 години.
Претседателот Барак обама го води одбележувањето на годишнината од терористичките напади во кои загинаа 3.000 луѓе во Светскиот трговски центар во Њујорк и во Пентагон.
Обама, потпретседателот Џо Бајден и нивните сопруги одржаа минута молчење во времето кога првиот киднапиран авион удри во кулите близначки на Светскиот трговски центар. Обама присуствува и на приватната церемонија во Пентагон за членовите на семејствата на над 100 лица убиени кога авионот го погоди седиштето на американската армија.
Во Њујорк пак, членови на семејствата ги рецитираат имињата на загинатите кога паднаа кулите, што сега стана традиција. Имињата на шестемина убиени во бомбашкиот напад на Светскиот трговски центар во 1993 исто така се вклучени.
Одбележување на нападите се одржува во гратчето Шанксвил, во Пенсилванија, каде се урна летот 93 на Јунајтед ерлајнс, убивајќи 33 патници и седуммина членови на екипажот.