Можеби има право писателот Едгар Фор кога напишал…„..задоволството на политичарот надвор од грижата за власта, е да сонува, да игра, да калкулира, да комплотира, да преговара, да ја прифаќа топката за пеналот..но доколку го промаши ќе мора да замине“. Останува дилемата дали Заев навистина  промаши? И дали воопшто шутираше пенал? Сепак едно е јасно. Ниту еден играч не наликува на својот претходник. Заев покажа дека е оригинален политичар, храбар играч, ефикасен капитен на тимот кој победуваше секакви предизвици. Штета доколку биде прифатена оставката…

Пишува: Нано Ружин

Што е политиката денес ? Со едностраната одлука за оставка од челото на партијата и владата, Зоран Заев покажа дека политиката била само една поважна споредна работа слична на фудбалот, која ги афектира нашите емоции и доблести. Никој во овој миг не може да објасни  зошто беше толку решителен во одлуката и покрај бројните совети да ја одложи или воопшто да не ја поврзува со неуспехот на локалните избори. Сите ке се согласат дека политиката е една скапоцена дејност, која понекогаш е кршлива и трагична, безобзирна и превртлива но понекогаш пријатна и привлечна. Ниту може да ја игнорираме ниту да ја опфатиме со една доктрина, да ја сведeме на манипулација или груба манифестација. Таа се повеќе станува комплексна рафинирана уметност која не води многу сметка за идеологијата, барем во македонското поднебје. Инаку како да им објасниме на Маркс, Жан Жорес или Тито дека нивните социјалдемократски деца  се поголеми верници и од нашите баби и дедовци?

Како и во секоја политичка партија и во СДСМ политичката игра е во центарот на политиката. Политичките нешта не се едноставни. Многу аналитичари и мои ценети пријатели повикувајки се на сопствените проценки сметаат дека добро ја познаваат партијата, се повикуваат на минатото и горчливите искуства на некои непромислени потези на партиските сениори и веќе имаат изградено сценарио, што ке се случи по 26 ноември  со СДСМ. Меѓутоа токму таквите предвидувања можат да станат извор на илузии, бидејки ниту постојат „партиски теории“ со кои може да се предвиди иднината, ниту модели според кој ќе еволуираат состојбите во дадена партија.

Нема сомнежи дека и во овој шаховски гамбит на Зеав, и тој самиот и неговиот тим, влегуваат во доменот на политичкатa игра.  Во што се состои  суштината на политичката игра во една партија која функционира во мултипартизмот? Пред се политичката игра е моторот на политичкиот живот, привилегирано место, центар на конфронтациите.  Во тој центар ограничен е бројот на играчите исто како што е тоа во еден фудбалски или кошаркарски тим.  Суштината на политичката игра е да се биде присутен  во играта, да се остане во составот на првите единаестемина и да не се биде исклучен од тимот. Оставката на Заев анализирана низ оваа доктрина претставува чин на  негово самоисклучување од политичката игра. Но дали тоа ќе значи и исклучување и на останатите противници? Се претпоставува дека ќе има помрднувања но никој од јавноста не  знае кои играчи ке бидат испратени во соблекувалната. Разбирливо е дека политичката игра е една скриена игра, или барем така мислат авторите на промените но таа е истовремено и вид на договор, трговија, урамнотежување помеѓу бројните желби и можности. Секој оној што ќе влезе во првиот тим се смета за негов личен успех, потврда на негавата метафора  дека бил признаен како значаен играч со одредено достоинство, проверена вредност и способност.

Ниту еден маргиналец не може да влезе во играта освен ако не се работи на емотивни слабости на лидерот кон некоја личност или концепциски потег. Да се биде во играта тоа значи да се тежи врз ориентациите на партијата и владата, да се стане дел од балансот на силите, да се биде подобро информиран од останатите и да се отвори простор за послободна игра на првотимецот. Единствената цел на играчот е да остане во играта и во тимот. Не е битно дали е добар голгетер , битно е да се одржи во играта која е сурова, и затоа е под постојан притисок на можното  исклучување или повлекување од тимот. Сетете се само на масата градоначалници-губитници на СДСМ  кои сега се практично маргинализирани и вон играта. Секако, теоријата на игра неможе да ги објасни сите случувања во партиите, да пружи одговор на бројни аномалии и превиди но сепак предизвикува интерес за еден поинаков пристап кон анализата на политиката.

За политичарот-играч важно е да игра интелигентно. Политичката игра не е една апстракна игра, ниту одредена математика како што се древните игри „го“ или  шах. Тоа е игра во која учествуваат луѓе од  коски и месо, луѓе со емоции и разум, со искуства и храбри потези, политичари кои  чуствуваат одредени задоволства и амбиции, фрустрации и навреди,  кои некогаш и  страдаат но и мечтаат.

Политичката игра е игра која се одвива во реални термини и објективни рамки. Во духот на политичката игра не може да се има апсолутна доверба во никого, не им се верува на разните ветувања, помпезни говори или мистериозните молчења . Политичката игра води кон неизвесност, кршливост, создава сомнежи и страв па дури еволуира во драма. Дали тоа значи дека се потрдува идејата на Макијавели или Хобс дека во политиката работите се сведуваат на владеењето на силата?! Нема цврсти правила но не е исклучена и употребата на насилните методи и уцени, тактики и интриги. Понекогаш кога  сеуште не сте господар на прстенот, а имате можност да го освоите,  треба да бидете како скијачот во алпските дисциплини на велеслалом, да чекате и трпеливо да набљудувате, па дури да покажете дека сте подготвени да го отстапите вашето место „во името на возвишените цели на партијата “ за да ја добиете довербата и да напредувате. Кога сте пак господар на тронот, мора да внимавате на сите можни удари од внатре и од надвор, да ги предвидувате сите ситници да соберете екипа на способни советници и пријатели. Своеглавоста, претераната суета  и емоциите се големиот непријател на секој лидер. Колку што знаеме, Заев покажа големА доза на самоубеденост, иако ривалите и од надвор и  од внатре  не го доведоа во  состојба, во која ќе нема алтернатива. Како што пишуваше Агата Кристи, „ тивко е, премногу е тивко за сé да биде вообичаено..“. Така е и сега на Бихаќка, премногу е тивко за сé да биде вообичаено. Сите се пред исчекување. Но, зад  тишината се замаскирани многу страсти, планови, желби, амбиции. Низ логиката на играта треба да се дешифрира турбината на страстите, оваа мешавина  меѓу суровоста, гордоста, зависта, суетата, презирот. Политичката игра ги претпоставува и суровоста а најчесто во таквата игра страдаат толерантните, слабите, скромните или оние што премногу штрчат.

Еден друг принцип оној за задоволството да се биде во власта е речиси физички мотор на политичката игра. Желбата да се биде во игра, да се соочите со вашите политички противници,  да се борите за демократијата, за рушењето на режимот, за личниот придонес во решавање на натрупаните авторитарни остатоци, како што беа прислушувањата, криминалните афери, сфаровски-судството,  надминување на синдромот на македонско-грчкиот спор   но и стоички да се биде  подготвен за да се примаат удари, пред се лажните ветувања на ЕУ и некорекната игра на Софија, бројните fake news, аферата со Боки 13, несреќата со модуларната болница во Тетово, и конечно неуспехот на локалните избори..Тоа можеби беа емотивните перцепции кои произведуваат многу адреналин но и мака и разочарување за да се одлучите да заминете од политиката. Доколку навистина биде прифатена  оставката на Заев, тоа ќе биде крај на неговата политичка кариера.  По таквиот чин нема враќање. Можеби има право писателот Едгар Фор кога напишал…„..задоволството на политичарот надвор од грижата за власта, е да сонува, да игра, да калкулира, да комплотира, да преговара, да ја прифаќа топката за пеналот..но доколку го промаши ќе мора да замине“. Останува дилемата дали Заев навистина  промаши? И дали воопшто шутираше пенал? Сепак едно е јасно. Ниту еден играч не наликува на својот претходник. Заев покажа дека е оригинален политичар, храбар играч, ефикасен капитен на тимот кој победуваше секакви предизвици. Штета доколку биде прифатена оставката…