Првиот претседател на Собранието, Стојан Андов за НОВА го коментира оградувањето од Извештајот на членовите на Комисијата, претставници на ВМРО-ДПМНЕ, но и фактот што ЕУ го поздрави извештајот на Комисијата, што беше донесен со консензус.
Оградувањето на ВМРО-ДПМНЕ, односно допишувањето после потписот на Дулиќ и Димовски дека е “без согласност за правните квалификации” на Извештајот, Андов го коментира:
– За овој пресврт треба да се информира Европската комисија, со оглед на фактот што евро-комесарот за проширување Филе го поздрави консензусот на извештајот, односно неговото прифаќање од сите членови на Комисијата, вели Андов.
Имено, во писмената изјава на комесарот Штефан Филе дента по потпишувањето, беше нотиран успехот на Комисијата:
-Го поздравувам успешното завршување на работата на Комисијата за истрага на настаните од 24 декември., со финален извештај усвоен со консензус и поддржан од сите членови на комисијата, соопшти Филе.
Ова покажува дека конструктивни решенија може да се најдат, со политичка волја, преку дијалог и компромис.
Со нетрпение очекувам да се спроведат и наредните чекори и имплементацијата на препораките содржани во извештајот, како и на остатокот од политичкиот договор од 1 март, вели Штефан Филе.
Постигнатиот договор на Комитетот помага во решавањето на внатрешно политичките проблеми, но исто така, покажува дека интеграцијата во ЕУ продолжува да биде приоритет за сите политички партии во земјата.
Овој најнов развој на настаните ќе се одрази и во претстојниот Извештај за напредокот на Поранешната Југословенска Република Македонија “. се вели во писмената изјава на комесарот Штефан Филе.
Сепак, Европската комисија очекува да бидат исполнети сите точки од договорот од 1 март, со кој беше разрешена политичката криза во Република Македонија, па и во однос на можноста за одржување на предвремени парламентарни избори во нашата земја, изјави ден потоа, Петер Стано портпарол на комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе.
Прашан да го коментира одбивањето на опозициската СДСМ есенва да се одржат предвремени избори, што го понуди премиерот Никола Груевски, а беше нивно цврсто барање и се најде во договорот што го посредуваше и Филе, заедно со европратениците Ричард Ховит и Јержи Бузек, гласноговорникот на првиот човек за проширување на Унијата со одговор:
-Договорот од 1 март, каде посредуваше и Европската комисија заедно со Европскиот парламент е важен и ние очекуваме истиот да се имплементира во однос на сите точки. Ние потсетуваме дека е важно сите и Владата и опозицијата да осигураат сите точки од овој договор да бидат имплементирани што е можно побрзо, конкретен е Стано.
Портпаролот на Филе исто така ја повтори вчерашната изјава на еврокомесарот за резултататот од работата на Комисијата за истраги на собраниските настани, потенцирајќи дека ЕК е јасна и ги очекува следните акции и имплементацијата на заклучоците и препораките од овој извештај.




