Првиот претседател на Собранието на Македонија, Стојан Андов, по 56 години заеднички живот, вчера во вечно почивалиште ја испрати својата сопруга Марија.
– Марија беше глава во семејството и секогаш се разбиравме со неа. Маре се одликуваше со смиреност, а зад таа смиреност се криеше храбра жена, која секогаш знаеше што треба, вели Андов за весникот „Вест“ во голема болка и емоции.
Според нивните блиски, Марија била многу позитивна личност, полна со енергија, одлична пријателка, добра домаќинка, а работела како службеник во „Макпетрол“, пишува „Вест“.
– Марија добро се познаваше со Јованка Броз. А Јованка за неа ми велеше: Стојан многу ја почитувам Марија, затоа што не ти е ни втора жена, ни трета жена, туку единствена – додава Андов.
Стојан и Марија заедно биле 56 години, три од како момче и девојка а 53 во брак. Често патувале и живееле надвор од Македонија, а според првиот претседател на македонското Собрание, неговата сопруга од секое ново место знаела да направи топол дом за нив.
Андов раскажува како тој и Маре живееле како номади. Патувале од Кавадарци за Скопје, од Скопје за Белград, а потоа во Багдад и назад во Скопје.

