Во текот на ланската година, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) примила 96 нови предмети од областа на судирот на интереси, а завршени се 123 предмети од овој вид, кои се примени лани и преклани, се вели во годишниот извештај на Комисијата.
Кај овие предмети утврдени се 29 случаи на постоење на судир на интереси, но изречени се само 5 мерки „јавна опомена“ на службени лица кои доброволно не се откажале од извршување на една од двете функции што истовремено ги извршуваат.
Покрај ова, поднесени се и две иницијативи за разрешување од должноста на две лица, кои не сакале да се откажат од една од двете функции што ги извршувале, но овие постапки се во тек.
Само една иницијатива за разрешување од извршување јавни овластувања и должности против директор на основно училиште е завршена со позитивен исход.
ДКСК во извештајот вели дека кога станува збор за судирот на интереси доминираат случаите на натрупување повеќе функции од страна на службените лица, како и дека оваа појава претставува најпоголдно тло, односно најризична област за појава на судир на интереси.
Кога станува збор, пак ,за ефикасноста на изворите од кои стигнуваат дојавите, покрај службени проверки на ДКСК, судир на интереси најмногу се утврдува кога тоа ќе го пријави друго лице (11 случаи), а на второ место се анонимките од кои судир на интереси е утврден во 6 случаи.
Најмалку ефикасни се дојавите на раководители на јавни институции кога бараат утврдување на судир на интереси кај некој од своите враобтени и по барање на службено лице. При вакви пријави лани не е утврден ниеден случај на судир на интереси.