Бројни реакции пристигнаа вчера на адресата на Анима Мунди, откако во Aвтокоманда, но и територијата на општина Аеродром (по улица Владимир Комаров, како и во населбата Острово) масовно беше расфрлан отров.
Како резултат на смртоносниот отров, во тешка маки и агонија беа усмртени повеќе кучиња и едно маче. Отровот кај животните предизвикува ужасна смрт, проследена со крв, повраќања, грчења и измачувања до самата смрт, информираат од Анима Мунди.

Оттаму велат дека иако навремено случајот е пријавен во полиција, оттаму повторно нема реакција. Полицијата не излегува на терен се додека ветеринар не констатира дека се работи за труење, иако во ваквите случаи тоа е очигледно. Откако ќе излезе на терен и направи записник, ситуацијата останува непроменета и неразрешена. Сторителите на кривичното дело остануваат неказнети.

Од Анима мунди потсетуваат дека расфрлањето отрови е кривично дело и е казниво по закон и претставува предизвикување на општа опасност по здравјето на луѓето и животните, како и тоа дека овој случај приспаѓа во полициска надлежност и по повод истиот мора да се спроведе истрага.

Тие посочуваат дека отровот е расфрлан по улици каде има голема френкфенција на луѓе, вклучувајќи ги и децата. Отровот е смртоносен и како што може да убие животно во 10 минути, истото може да го направи и на човековиот организам.
Анима мунди реагира по повод пасивноста на полицијата во вакви случаи и бараме веднаш штом биде пријавено труење на животни, истата веднаш да излезе на терен, небарајќи од граѓаните самите да изигруваат детективи. Уште еднаш посочуваме на член 288 од КЗМ со кој е пропишана санкција за предизвикување општа опасност и член 232 од КЗМ кој се однесува на мачење на животни и надлежноста по повод нивно прекршување е во рацете на полицијата, па оттаму бараме правилно и навремено да ја спроведува својата должност.




