Полицијата изутринава извршила претреси и привела неколку лица, под сомнение дека учествувале во паравоени формации во Сирија и во други региони каде што има воени конфликти.
Од МВР најавуваат повеќе детали за акцијата во текот на денот.
За приведените, според МВР, постојат сомненија дека учествувале во паравоени формации во Сирија и во други региони каде што има воени конфликти, како и лица кои врбувале македонски државјани за да учествуваат во борбите во Сирија.
Според информациите, акцијата се спровела во повеќе градови во земјава. Во Скопје, Струга и Куманово биле уапсени неколку лица, а биле извршени претреси во објекти во Гостивар и на други локации.
Како што пренесува Алсат-М, единици на МВР влегле и во скопските населби Гази Баба, Дижонска и Серава, а полицијата извршила претрес и во џамиите Тутунсуз и Јаја Паша, за кои добила информации од ИВЗ дека не се контролирани од таа верска институција.
Според првичните информации во акцијата е приведен имамот на џамиите Тутунсуз и Јаја Паша, Реџеп Мемиши.




