ДУИ удри по Комисијата за спречување на корупцијата, обајавува Вест. Потпретседателот на Собранието, Сузана Салиу на седницата на комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која се расправаше за годишниот извештај за работата на Антикорупциска, ја обвини Комисијата дека работи нетранспарентно.
Како што објавува Вест, Салиу тврди дека во изминатата година Антикорупциска не ја информирала јавноста за нејзината работа и побара од нив во иднина да имаат подобра соработка со медиумите.
„Антикорупциска треба да ги гледа медиумите како партнери во борбата против корупцијата и конфликтот на интереси. Чудно е како е можно во извештајот да нема ниту една комуникација со медиумите”, изјави Салиу.
Според неа, Антикорупциска пред да дојде во Собрание требало да одржи прес-конференција и да ја извести јавноста за содржината на извештајот.
Претседателот на Комисијата Ѓорѓи Сламков се правдаше дека лошата комуникација со медиумите е поради отсуството на лице одговорно за односи со јавноста. Тој се пожали дека немале ни човек за одржување на веб страната на Комисијата.
Најчеста форма на корупција лани била изразена преку злоупотреба и несовесно вршење на службената положба и овластувања, располагање со јавни средства и добра во постапка на јавни набавки. Во судирот на интереси најчеста форма била кумулација на повеќе функции, непотизмот и превисоките дискрециони права.
Лани Комисијата постапила по 611 предмет за сомнеж на корупција, од кои 200 биле нови поднесоци, а постапиле по 402 предмети.