Државната комисија за спречување на корупција има покренато постапки за 50-тина функционери кои не поднеле анкетен лист за имотната состојба, соопшти претседателот на ДКСК, Ѓорги Сламков.
Сламков информираше дека отворени се предмети во врска со случаите за становите на пратеничките Силвана Бонева и Радмила Шекеринска.
За случајот со имотната состојба односно станот на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, врз основа на истражувањата на ДКСК, потврди дека нема простор за постапување.
За оваа година, ДКСК отворила и корупциски предмети за ревизорскиот извештај за Агенцијата за странски инвестиции. Вчера е отворен предмет за Регулаторната комисија за енергетика, за паркинг просторот во Општина Куманово, за општина Гостивар за злоупотреба на јавни набавки од комунално претпријатие, отворен е и предмет за членувањето на претседателот на Сојузот на синдикати во управен одбор, за инвестициски зафати во општина Градско.
– Се обраќаме, согласно закон, до четири институции, до Агенција за катастар за недвижнини, проверуваме лицата кои се внесени во анкетниот лист дека живеат во семејна заедница, ги проверуваме кои се тие лица и недвижностите со кои располагаат. Ги споредуваме податоците со оние во анкетниот лист и ако утврдиме дека не се исти, тогаш поднесуваме прекршочна пријава и барање за испитување на имотната состојба во УЈП, објасни Претседателот на ДКСК.
Во однос на закупнината од 5 илјади евра за станот на Шекеринска, тој вели ДКСК се обратила до УЈП за проверка на податоците и договорот, но засега немало пристигнато одговор.
Што се однесува на имотните состојби и пријавување на промените во анкетните листови, Сламков потврди дека пропустите во октомври лани се од страна на ДКСК, но дека сега работите се сменети и такви пропусти во иднина нема да има.
Тој информираше дека ДКСК, започнала со двегодишен проект, во кој се и анкетните листови, а бара да се направи интерконекција на база на податоци на сите надлежни институции кои ДКСК во секое време ќе може да ги проверува.
Најважно, смета Сламков е да се донесе регистар на функционери во државата за да се знае од кога и до кога едно лице е функционер и ја има законската обврска за пријавување на имотната состојба.
Во 2013 година ДКСК има поднесено девет иницијативи за кривично гонење, 35 барања до УЈП за испитување имотна состојба на носители на јавни функции, отворени се 25 корупциски предмети, 15 јавни опомени за непочитување на судир на интереси, 2.600 изборни предмети од локални избори, а 2.200 анкетни листови се поднесени минатата година.




