Управата за јавни приходи ќе го испитува потеклото на имотот на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и податоците од анкетниот лист на пратеничката Радмила Шеќеринска. Ова денеска го соопшти претседателот на Антикорупциската комисија Ѓорги Сламков, тврдејќи дека комисијата работи неселективно и постапува еднакво кон сите граѓани.
„За директорот на УБК донесен е заклучок за испитување на имотната состојба во УЈП. И за пратеничката Радмила Шеќеринска донесена е одлука да се проверат податоците од анкетниот лист“, изјави Сламков.
Антикорупциската комисија поднела прекршочни пријави и барања до УЈП за испитување на имотот и на директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, директорот на Македонски пошти и четворица амбасадори кои во законскиот рок не поднеле анкетни листови.




