Државната комисија за спречување корупција го информирала портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов дека отворила предмет против него за судир на интереси. Таа му потенцирала дека не може истовремено да биде и пратеник и управител на адвокатско друштво.
Известувањето што го добил од Комисијата, Шилегов го објави на својот Facebook профил.
„Антикорупциска …Решава еден од најголемите корупциски скандали во државава …“ коментира иронично Шилегов.

„Статусот на службено лице ве оневозможува истовремено да извршувате повеќе функции вклучувајќи ја тука и функцијата управител во адвокатско друштво. Ова од причини што управувањето со адвокатското друштво за време на извршување на јавни овластувања и должности е спротивно на член 9 од Законот за спречување на судир на интереси“, се вели во известувањето од ДКСК.
Според Шилегов, ова е уште еден обид за институционален притисок врз врвните луѓе од опозицијата.
„За тоа потврдува и денешното барање од Антукорупциска, коешто е и со неверодостојни податоци ако се има во предвид дека јас не сум единствено овластено лице во адвокатското друштво, туку и моите партнери. СДСМ како партија и јас како нејзин портпарол нема да престанеме со упорната борба против оваа корупциска, криминална и авторитарна власт“, вели Шилегов во изјава за медиумите.
Речиси сите пратенициод опозицијата кои освоија мандати на минатите избори поднесоа оставки до Собранието.




