Од Антикорупциска велат дека ги разгледуваат правните механизми по донесената одлука на Управниот суд кој ја уважи тужбата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за прекршочна пријава во врска со указите за унапредувањата во Армијата за време на избори. Најверојатно ќе поднесат жалба до повисокиот суд, бидејќи Управниот суд според нив не се занимавал со суштината на прекршокот.

-Во оваа судска одлука не се третира дали е правилно или неправилно постапувањето на претстадателот. Тие постапуваат од аспект на формата, односно дали сме требале да го повикаме претседателот како странка во нашата постапка. Таа одлука се однесува на процедурата. Ние сметаме дека сме постапиле правилно и ќе си аргументираме нашиот став во жалбата што ќе ја доставиме до Вишиот управен суд. Случајот не е загубен и се уште е жив. Не е разговарана материјалната страна. Ова се правни тактики, ако можам така да кажам и ние ќе се бориме, вели претседателката на Антикорупциската Комисија, Билјана Ивановска.

Антикорупциската комисија во април годинава едногласно одлучи да поднесе две прекршочни пријави против претседателот во заминување Ѓорге Иванов- едната за унапредувањето на старешината Васил Ѓурчиновски во мајор во предизборието и втората за именување на бригадниот генерал Орце Јордев во заменик командант на Здружената оперативна команда (ЗОК) и полковникот Бесник Емини во началник на Штаб во ЗОК, кога изборите веќе биле распишани.

Управниот суд пак пресуди во полза на поранешниот претседател Ѓорге Иванов кој поднесе тужба против оваа одлука на Антикорупциска, при што се наведува дека на Иванов му било оневозможено да ги изложи своите аргументи како одбрана пред Антикорупциската комисија, а исто така не му било доставено и нејзиното решение, туку било само објавено на веб-страницата на Комисијата.