Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по насоки на јавниот обвинител, се работи на расчистување на случајот со пронајдената муниција, рачни бомби и минофрлачки гранати во подрумските простории од станбен објект во населбата Чаир во Скопје.
„МВР апелира додека трае истрагата да не се шпекулира со имиња и адреси. Веднаш по расчистувањето на случајот, Министерството за внатрешни работи ќе ја информира јавноста за сите детали“, пишува во соопштението што МВР го испрати попладнево.
Станува збор за поголемо количество оружје кое МВР го пронајде во подрумски простории во станбена зграда во населбата Чаир.
„При увидот на местото на настанот, во подрумските простории, пронајдени биле 19 гранати калибар 40 мм во реденик, 12 гранати 40 мм залепени со селотејп во картонска кутија, две рачни бомби кинеско производство, еден упаљач за рачна бомба, 25 куршуми маневарска муниција калибар 7,62 мм и 10 куршуми калибар 7.62мм боева муниција.“, соопшти МВР.
За случајот извршен е информативен разговор со едно лице и случајот е предаден во Јавното обвинителство.