Ве информираме дека денешниот ден, 4-ти октомври, светскиот ден за заштита на животните, за жал Македонија повторно го обележува со најнизок степен на третман на бездомните животни, кој воопшто не доликува на една држава која тежнее да стане член на европското семејство, соопштуваат од Асоцијација на активисти за правата на животните.
Во последнава година, Асоцијацијата се соочи со потресни и морничави случаи на малтретирани кучиња, кучиња застрелани со огнено оружје, со масовни труења и со ниска свест кај институциите да одговорат пред овие кривична дела.
Според нашите сознанија, ниту еден трујач на кучиња не беше лоциран од страна на полицијата, и покрај многубројните пријави од граѓаните дека се најдени отрови расфрлани покрај контејнери, во училишни дворови и покрај тротоарите, нешто што го загрозува животот и на луѓето.
Сепак, во последнава година, со голема помош од хуманите граѓани успеавме да вдомиме две кучиња надвор од Македонија – Луна и Жиле. Луна, улично кутре кое беше згазнато од кола сега среќно живее во Германија, а Жиле, кучето од Попова Шапка кое беше застрелано со куршум денеска живее во САД, Пенсилванија, кај прекрасното семејство Хамон. Горди сме со тоа што целиот свет дозна за лошиот третман на уличните кучиња во земјава, но сепак сметаме дека ситуацијата треба да се реши и на локално ниво, па оттаму, по повод овој ден ги повикуваме граѓаните и институциите.
1. Бараме конечно стационарот Вардариште да стане отворена институција, подготвена за соработка со невладиниот сектор и место каде што на кучињата ќе им се даде втора шанса за живот, а не смрт.
2. Граѓаните да не ги одминуваат болните и повредени улични животни – нека ги пријават или нека ги однесат до најблиската ветеринарна станица – тие 10тина одвоени минути за некого можат да значат ЖИВОТ!
3. Полицијата конечно да почне да одговара и да работи по пријавите на граѓаните околу масовните труења што се случуваат во сите градови низ државата. Станува збор за кривично дело, по кое МВР е должно да постапи.
4. Стерилизирајте ги вашите маалски миленици со цел да се спречи размножувањето на бездомните животни.
На овој ден, се надеваме дека кај сите ќе се развие свеста дека животните имаат право на живот – тие се дел од нашето секојдневие и ако ги третираме со почит, тие ќе ни вратат со многу повеќе љубов. Па така, апелираме, барем овој ден направете едно добро дело за нив – нахранете улично животинче или вдомете миленик, наместо да купувате, велат од Асоцијација на активисти за правата на животните.



