Првостепената пресуда за доживотен затвор за Алил Демири, за Африм Исмаиловиќ и за Агим Исмаиловиќ за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година денеска доби потврда во Апелација.

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по масакрот побегнаа во Косово и сè уште не се екстрадирани во земјава. Тројцата се осудени дека ги убиле четирите момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот Борче Стевковски од село Црешево.

Апелација ја потврди и првостепената казна и на Хаки Азири за две кривични дела помагање за кои доби девет години затвор, како и казната од 15 години затвор за Фејзи Азири, исто така, обвинет за две дела – помагање.

„Монструм“ имаше две судења, откако во 2017 година Врховниот суд го врати овој случај на почеток. Во повтореното судење, обвинението го застапуваше обвинителката Фатиме Фетаи.