Новата мобилна апликација „Скопска“, виртуелна автобуска карта е комплетно функционална, соопштија од ЈСП „Скопје“.

„Мобилната апликација „Скопска“, која претставува замена за неперсонализираната електронска картичка „Скопска“, од неодамна е целосно функционална и практично таа е виртуелна автобуска карта. Апликацијата е достапна за корисници на „смарт“ мобилни телефони со Android или IOS оперативен систем“, објавија од компанијата.

Мобилна апликација „Скопска“, како што нагласуваат од ЈСП „Скопје“, нуди низа поволности, меѓу кои и основните за електронско купување и валидирање на билет, а располага и со алатки (возен ред, мапа на постојки, рута на планирање и друго) кои во голема мера го олеснуваат користењето на јавниот превоз.

„Апликацијата во изминатите неколку месеци ги мина сите фази на тестирање и очекуваме дека нејзините корисници нема да се соочат со проблеми од техничка природа, а во спротивно можат да пријават проблем и слично на [email protected] Апликацијата ја создадовме водејќи се со паролата „Биди во чекор со дигиталниот свет“, а како уште една дополнителна поволност за побрзо и поквалитетно користење на услугите на јавниот превоз во градот“, истакнуваат од ЈСП „Скопје“.

Од компанијата потсетуваат дека корисниците на јавниот превоз и натаму можат да купат/валидираат билет со електронска картичка „Скопска“, со опцијата Mobipay (мобилно плаќање), а може да се купи и хартиен билет во билетарниците на ЈСП Скопје.