Apple планира да лансира нови функции на своите уреди, преку кои ќе ги скенираат фотографиите и пораките на корисниците, со цел да трагаат по педофили, детска порнографија и злоупотреби поврзани со малолетници. Компанијата вели дека функцијата што ќе се воведе нема да ја наруши приватноста на корисниците. Сепак, ваквата најава предизвика загриженост кај поборниците за заштита на приватноста, кои потсетуваат на изјавите што пристигнувале од Apple дека приватноста е човеково право.

Компанијата воведува три нови мерки, преку кои ќе се „скенираат“ пораките и фотографиите, а една од измените ќе се однесува и на прашањата што и се поставуваат на Siri. Дополнувањата во системите се планирани за „подоцна оваа година“, а ажурирањата ќе бидат аплицирани на сите платформи на Apple: iOS 15, iPadOS 15, WatchOS 8 и MacOS Monterey. Засега, новината е предвидена единствено на територија на САД.

Преку првата измена ќе се „учи“ телефонот да ја проверува содржината на пораките на малолетниците, особено доколку се споделуваат фотографии што изгледаат како да се сексуално експлицитни. Таа анализа ќе се направи целосно преку телефонот, велат од Apple, и тврдат дека тие нема да може да ги видат пораките.

Ако детето во порака добие таква фотографија, таа ќе биде замаглена и корисникот ќе биде предупреден дека содржината може да биде чувствителна и ќе му се даде опција да го блокира контактот. Ако детето сепак одлучи да ја отвори пораката, ќе бидат предупредени неговите родители.

Веројатно поконтроверзна е втората измена, преку која ќе се разгледуваат фотографските материјали со сексуална злоупотреба на деца во „библиотеката“ на iCloud. Од компанијата велат дека ова ќе се врши „имајќи ја предвид приватноста на корисникот“. И во овој случај скенирањето нема да се врши во самиот iCloud, туку на уредот. IPhone или iPad уредите ќе ги „разгледуваат“ фотографиите во галеријата на корисниците, по што ќе се утврдува дали некоја од нив се совпаѓа со базата на податоци на Организацијата за заштита на децата, која „собира“ експлицитни фотографии.

Ако сличноста на фотографиите е доволно висока, Apple ќе си дозволи да ја види конкретната содржина од уредот на корисникот, по што „рачно“ ќе ги прегледува сликите за да потврди дека има совпаѓање – и ако има, налогот на корисниците ќе биде оневозможен и тие ќе бидат пријавени во полиција.

Од Apple нагласија дека овие две измени се направени имајќи ја предвид приватноста, а тврдењето го крепат со четири технички проценки спроведени од страна на универзитетски професори.

Но, измените предизвикаа бура од реакции уште пред да бидат воведени. Во средата, експертот за криптографија Метју Грин вели дека Apple значајно отстапил од традиционалните методи.

Професорот Грин, кој работи на универзитетот „Џон Хопкинс“, рече дека иако ваквите технологии за скенирање се подобри од традиционалните алатки, тие сепак се „алатки за масовно следење“. Тој истакна дека секој што ја контролира листата на можни експлицитни фотографии може да го искористи системот за да бара каква било фотографија – не само оние поврзани со злоупотреба на деца, како и дека не може да се дознае дали системот е злоупотребен на ваков начин.

„Теоријата е дека ќе треба да му верувате на Apple дека во системот на проверка вклучува само навистина експлицитни фотографии од Организацијата за заштита на децата“, напиша Грин . „Подобро да им верувате, бидејќи довербата е се што имате“, додаде професорот.

Алан Вудворд, компјутерски експерт на Универзитетот во Сари, е еден од многуте што исто како професорот Грин е загрижен за намерите на Apple. Тој рече дека измените може да биде „меч со две острици“, односно дека „патот до пеколот е поплочен со добри намери“ и повика на поширока јавна дебати пред измените да бидат имплементирани.

Третата измена е најбезболна во однос на заштитата на приватноста и преку неа ќе се дополни „образованието и информираноста“ на Siri, со цел да им бидат понудени  на децата и родителите сите ресурси за да се справат со можни злоупотреби. Корисниците ќе можат да поставуваат конкретни прашања – како на пример како да пријават можна злоупотреба.