Околу 136 вработени ќе се оценуваат во телевизија Алфа. Превработеноста дојде со новите сопственици, а кој ќе се брка и според какви критериуми останува да се види, вели за НОВА, претставникот на синдикатот во телевизијата, Љубиша Арсиќ.
– На дел од новинарите не им се даваат задачи а некогаш на некои новинари им се даваат споредни задачи, има и такви кои работат во позадина – далеку од нивниот капацитет како новинари, изјави Арсиќ.
Иако минатата година со новото раководство во телевизијата дојдоа нови новинари, од Сител, МТВ и од весниците Вечер и Дневник, сепак според претставникот на синдикатот, како што ги уверувале, ни тие не се исклучени од можноста да бидат дел од колективниот отказ. Арсиќ вели се оди кон претпоставки, но се чека на комисијата која што ќе ги бодира, и изрази надеж за транспарентно рангирање, а не на формалност.
– Она што можам да кажам е дека според последните информации комисијата е веќе оформена, а се чека на критериумите според кои ќе се оценуваат новинарите и техничарите, иако некои од нив се веќе донесени, вели тој.
Но и покрај тоа што менаџерите на Алфа образложиле дека првата причина за отказите е превработеноста, ќе се чека да се види дали новите новинари би можеле да бидат поштедени, бидејќи како што објаснува Арсиќ, со доаѓањето на новиот тим, секторите се пренатрупале, но оние претходните новинари на Алфа, на сметка на новите станале „втората виолина“ во телевизијата, и очигледно е дека предност во вестите имаат новите новинари.
– Се согласувам дека Алфа можеби има нова слика на вестите, потенцира Љубиша Арсиќ од Алфа телевизија.
Тој напомена дека сега како синдикат ќе се борат бодувањето за прогласувње на работници како технолошки вишок да се одвива во фер услови.




