На градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје потребно и е целосно реновирање. Ќе работиме на модернизација и реконструкција на оваа библиотека, на подобар пристап до интернет, електронска база на стручни списанија и подобрување на инвентарот, најави независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа најави и дигитализација на услугите во градската администрација, со цел побрзи услуги и поголема транспарентност во работата.

– Граѓаните во секое време ќе можат да проверат што се случува со нивното барање што е доставено до Градот, а одговор ќе добиваат од 24 до 72 часа. Административните услуги ќе бидат достапни електронски со
едноставни постапки, без обврска за одење во Општините за оние граѓани што ги користат овие дигитални услуги. Чекањето во редици и трчањето од шалтер на шалтер ќе биде минато благодарение на оваа едношалтерска услуга, појасни таа.

Арсовска посочи дека за оние граѓани кои не ги користат дигиталните решенија ќе биде на располагање канцеларија што ќе биде отворена 24 часа секој ден во неделата.

– Апликацијата не само што ќе овозможи пристап до административните услуги, ќе обезбеди и опција за пријавување на дефекти, и тоа во јавната инфраструктура, пријавување диви депонии, исто така повикување на општинските служби да излезат на терен онаму каде што е навистина неопходно. Апликацијата ќе биде поврзана и со дигитален мониторинг во сообраќајот, со што ќе овозможи брзо детектирање на местата што се достапни за паркинг во градот, вели независната кандидатка.

Дигитилизирањето на услугите во сообраќајот, како што посочи Арсовска ќе претставува водич за граѓаните да го избегнат сообраќајниот метеж, а семафорите ќе бидат поврзани со цел да имаат функционалност на зелените бранови, намален застој и чекање во сообраќајот.

Како дел од изборната кампања, таа најави дека со новиот ИКТ центар во Аеродром, што ќе се наоѓа на местото на старата касарна, годишно над 1000 млади ќе имаат пристап до стручни обуки.