Владата и министерот најдрско ги потиснаа професорите на дното на образовниот систем, а се ставија себе си на врвот на образовната пирамида, рече денеска пред новинарите Петар Атанасов од СДСМ.
– Откако власта на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги окупираше речиси сите медиуми во земјава, го ставаат под контрола и последниот минимум простор на слободниот израз – Универзитетот. Со измените на Законот за високо образование, донесен по скратена постапка предвидени се глоби ако некој професор не вклучи во студиската програма една од преведените книгите во катастрофалниот проект на Владата за превод на стручна литература, изјави Атанасов.
Тој потенцираше дека казните за професорите се движат од 1.000 до 35.000 евра по професор или академска институција.
– Со ова комплетно се урива и така разнишаниот концепт на автономија на универзитетите. Ова е укинување на академската слобода и на автономијата на управување со човечки и материјални ресурси, рече Атанасов од СДСМ.
Тој потенцираше дека во Програмата на најголемата опозициска партија СДСМ, автономијата на универзитетите е меѓу врвните приоритети.
„Меѓу мерките што ги предвидуваме за враќање на слободата на универзитетите е формирање Фонд за научно-истражувачка дејност. Секој научен институт на државните универзитети ќе добие по 100 000 евра, за период од 4 години, со коишто самостојно ќе располага“, рече тој и образложи дека предвидени се дополнителни мерки кои наскоро ќе бидат објавени.




