Не престанува да нѐ мачи прашањето – дали има излез, кога ќе заврши ова? Упорноста за докажување на нашиот идентитет, кој е потврден и забетониран во целиот свет, веќе има спротивен ефект и води токму кон спротивното, односно кон сомнеж што на светот му го наметнуваме самите ние. Наместо да го надградуваме со висока култура, со дострели во спортот, како што го прават тоа нашите соседи, ние не стигнуваме до целта на стрмните олимписки патеки.
Бране Стефановски
Вајц соопшти дека европскиот процес за Македонија е „сопрен“, но ние се топориме дека границите ќе ги прелетаме со нов авион.
А дојде време за годишниот извештај за нашиот европски напредок, или се појави некој јазол за кој треба време да се смисли нешто за да се отплетка, веднаш се вклучуваат алармите: „марсовците напаѓаат“, „Бугарите само што не нѐ асимилирале“, „кулите дубајски“, „Бранко се враќа“, „ланскиот снег го нема“, но секогаш во резерва се чува – „на владата ѝ треба нов авион“… и други „кецови“ што секогаш стојат скриени на внатрешниот раб од ракавот за да се матира здравиот разум кој постојано нешто размислува и бара, наместо да се оптегне под некоја сенка и ладовина.
Па, чиј е тој разум? Дали е некоја апстракција, индивидуалност, или е општоегзистенцијалниот мотив што седи во задните и најевтините редови на театарот и чека да почне расплетот за конечно да ја дочека таа катарза што ќе го спаси од децениската напнатост, тремор, замор, болести и од крајниот фатален исход, што во нашава средина зема сѐ поголем замав, многу човечки животи во мирно време што не дочекаа остварување на сонот за поубав живот, а како што одат работите, уште многу вода ќе протече низ Вардар…
Еве, да набројуваме за што „непотребно“ се размислува, иако следниве редови ќе бидат банални, зашто сѐ е веќе кажано и испишано со цистерни мастило.
На прво место сиромаштијата, народ на автобуските станици со излитени алишта што чека автобус со часови, од 300 автобуси сега сообраќале само 150, слика на тешка годоовштина во секојдневниот живот, само што малкумина знаат што е тоа „годоовштина“, бидејќи писменоста е на ниско ниво, не се свесни дека чекаат нешто што никогаш нема да дојде, а патриотизмот ја пумпа токму таа надеж дека Годо е тука, само што не се појавил од зад аголот.
Никому не му е јасно каде сме, на која страна треба да го завртиме лицето за да го обелиме образот. Нашето тело е веќе толку истетовирано со разни тетоважи што тие веќе не се бришат ни со ласер. Сонародниците, роднините и пријателите в час можат да станат антипод на сето тоа, само ако ги допрат политичките прашања – атомска бомба во нашето национално врзивно ткиво, омраза и луда симпатија кон некого на кого не сме му важни. Тоа речиси никој не може да го сфати. Пијанство од етерот на празните ветувања. Мисловните обрасци ни се на толку ниско ниво за да можат да формираат висок процент на рационалност и критична мисла: на прашањето со кого се граничи Македонија, младите не знаат да одговорат, не ги знаат ни страните на светот, една општа зашеметеност од необразованост и од леснотијата кон неодговорноста од изречениот одговор. Само усилено смеење, како да е тоа неважно или забавно.
Тотална апатија од неможностите за редовен развоен пат на една личност, кариера, забава, култура, разонода, креативност и плодност. Само надеж во можноста да се работи од дома за некоја софтверска компанија со седиште во некој џенем што можеби и не постои, или да се биде келнер во некое кафуле во кое сѐ повеќе се слуша немиот разговор на пензионерите со по едно „макијато“ или „капучино“ што одамна е оладено од предолгото густирање, но го чува местото на кое се седи со часови, промет – „тапа“. Какво чувство на пониженост кога ќе сфатиме дека и тоа ладно капучино нѐ жеже во плиткиот џеб. Нема работа, нема пари, нема живот, колективна атрофија прикриена со патриотски пароли кои не ја отвораат бравата, зашто таа е отворена, па затоа веќе не ни се ни потребни, ни интересни, ниту силни, напротив, се демоде и анахрони. Страв од заостанати даночни изненадувања, од кратење на субвенциите, од дупката во буџетот, од неизвесноста за исплатата на пензиите, од отсуство на компетентните на седниците за пратенички прашања што треба да ги дадат одговорите.
Затоа, кога навечер ќе останеме сами во темнината на нашата спална соба, нѐ стига депресијата од празниот ден и покрај нашето засипнато грло од викањето дека ние сме најјаките и никој ништо не ни може.
Врз што се темели таа убеденост дека сите нѐ фалат и сакаат да се вратат, кога, според сите показатели, на сите топ листи се наоѓаме на дното, одвај можеме сами да се најдеме или некој друг да нѐ најде на тие „црни“ листи.
Овие констатации и повторувања не му се пријатни никому, најмалку на тие што ни ветуваа нешто сосем спротивно од ова. Сите желби за да го добиеме тоа што го бараме се толкуваат како политичка омраза, како фаќање политичка страна, како појави организирани од домашните платенички ривали, како силни субверзивни влијанија од странство, а не како љубов кон сопствениот живот, што ни е даден од господа само еднаш и никогаш повеќе, од што произлегува нашето елементарно право да го живееме квалитетно, нема веќе каде да се бега, нема место веќе ни во Германија, тогаш каде?
Не е живот, ни успех, да се стигне до први во месецот со стегање и со секојдневни бравури и трикови како да се помине денешниот ден. Треба да се живее за да се раскажува, што би рекол Маркес. Што имаме ние да раскажеме ако не сме го виделе морето со години или ако не сме скршиле барем по една чаша во кафеана во момент на радост и слава на животот. Се повеќе фавели во поголемите населени места, малите се иселени, како во романите на Марио Варгас Љоса, за кои порано мислевме дека се некоја далечна егзотика за која бевме кадри да платиме карта до таа далечна дестинација и да се чудиме како е можно таков живот во 20 век.
Нема веќе што да ни го одржи патриотизмот на високо ниво, освен вродениот инстинкт за љубов кон татковината, нема веќе врз што да се темели, нема никакви дострели за кои треба да се арчиме, нема што да браниме, сѐ е толку излитено и има изгубено сјај и вредност, што навистина нема за што да се гине. Патриотизмот не е еднослоен – само љубовта кон татковината и кон нејзините херои, туку и кон нејзината убавина, кон начинот на животот и неговите задоволства. На крајот на краиштата, татковината е таму каде што ќе најдеме леб и мирен живот, носталгијата ќе нѐ мачи, ама маката е посилна од носталгијата, тоа го знаат сите наши иселеници, што ја сакаат татковината, ама ретко кој се вратил да ја гази калта на нејзините патишта што ја носат излеаните реки што го уништија и родното поле. Колку се подалеку, повеќе се гласни дека ја сакаат и дека треба да се чува и да се брани, но секогаш имаат можност, во случај на крајна криза, да се засолнат зад своето второ државјанство, како и сите Македонци со бугарски пасоши.
Работата е уште подлабока, гладот ги парализира креативните можности и дарби и не ни дава да се одлепиме од тињата. Поради тоа не успеваме да го оствариме нашиот животен сон, да го довршиме делото што сме го почнале и конечно да фатиме чекор и ритам со животот кој никого не чека.
Не престанува да нѐ мачи прашањето – дали има излез, кога ќе заврши ова? Упорноста за докажување на нашиот идентитет, кој е потврден и забетониран во целиот свет, веќе има спротивен ефект и води токму кон спротивното, односно кон сомнеж што на светот му го наметнуваме самите ние. Наместо да го надградуваме со висока култура, со дострели во спортот, како што го прават тоа нашите соседи, ние не стигнуваме до целта на стрмните олимписки патеки.
На Македонија ѝ остана многу малку време да се помрдне од местото, пред бавногоречкиот фитил да стигне до својата цел. Некои информации велат дека бројот на Македонци со бугарски пасоши, меѓу кои и високи државни и партиски функционери, е далеку над 200 илјади, а на Албанија вратата ѝ е широко отворена. Вајц соопшти дека европскиот процес за Македонија е „сопрен“, но ние се топориме дека границите ќе ги прелетаме со нов авион.
Текстот е сопственост на Слободен пачат.мк




