Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска на седница едногласно одлучи да покрене прекршочни постапки против ТВ Кобра од Радовиш и ТВ М од Охрид за прекршувања на Изборниот законик во тек на изборната кампања Претседателските избори.

– ТВ Кобра го прекршила член 76 став 3 од Изборниот законик со тоа што за време на изборниот молк пренела изјави на премиерот Зоран Заев и вицепремиероот Кочо Анѓушев. На 4 мај изјавите се пренесени трипати, во вестите во 17:30, 20 и во 23 часот,  а на 5 мај во вестите во 17:30 часот, рече  Зоран Трајчевски, директор на АВМУ, образложувајќи го предлогот за поведување прекршочна постапка.

Службите на АВМУ констатирале дека ТВ М од Охрид го прекршила член 75 ѓ, став 1 од Изборниот законик, така што ги надминала дозволените лимити за платено политичко рекламирање, двапати на 2 мај и еднаш на 3 мај, со доделување поголем простор на кандидатот за претседател Стево Пендаровски и на кандидатот за градоначалник Константин Георгиевски.

На седницата на АВМУ беа изречени јавни опомени за прекршување Законот за аудио и аудиовизелни медиумски услуги (ЗААМВУ) на ТВ КЛАН  и ТВ ШЕЊА, која пак, заедно со ТВ 1 Скопје и МХ радио добија опомен за прекршување на Законот за медиуми.